Граѓански иницијативи ќе организираат настани со пораки против загадувањето и за зачувување на зеленилото

Во рамки на проектот „Заедно за чист воздух“, неформалните граѓански иницијативи „Ние сме Карпош 4“ и „Скопје Смог Аларм“ ќе имаат свои активности и настани за зачувување на животната средина и развивање свест за горливиот проблем со аерозагадувањето во Скопје.

Според „Еко-свест“, граѓанската иницијатива „Ние сме Карпош 4“ ќе добие поддршка за органирање повеќе едукативни настани за садење садници на дрвја, денови без возила, презентација на физибилити студија и други активности кои промовираат зачувување и надградување на зеленилото во главниот град.

Иницијативата „Скопје Смог Аларм“, пак, во предновогодишниот период ќе организираат едукативна детска претстава за тоа што значи да се дише чист воздух и паралелно со тоа да се живее со последиците од загадениот воздух.

„Со поддршка на неформални граѓански иницијативи се надеваме дека пораката за сериозниот проблем со аерозагадувањето, како и подигнување на свеста кај луѓето дека нивните секојдневни активности влијаат врз аерозагадувањето ќе допре до повеќе граѓани и ќе помогне во насока на создавање поголем притисок кон институциите за преземање активности за решавање на проблемот со аерозагадувањето“, велат од еколошката организација „Еко-свест“.

Инаку, проектот е финансиран од Амбасадата на САД во Македонија и имплементиран од „Еко-свест“ и партнерските организации.