Граѓаните „се стискаат“ додека возат бидејќи нема доволно тоалети на автопатите

Автопатите „Пријателство“ и „Мајка Тереза“ се дел од европските коридори и подлежат на европски стандарди. Но, долж нив нема јавен тоалет. Тоалети има во склоп на бензинските станици. Проблемот со тоалетите е сложен. Или ги нема, или ги има во мал број. А, кога ги има, честа појава е лошата хигиена, заклучуваат од Здружение за социјални иновации и одржлив развој РАДАР во нивната најнова анализа.

Анализата покажува дека луѓето кои патуваат на подолги дестинации, а особено жените, често пати се воздржуваат од редовно консумирање течности (за да избегнат потреба за мокрење) и од редовно мокрење поради несоодветните (нечисти, непристапни, нефункционални) јавни тоалети на автопатите низ државава.

Лицата со попречености, пак, особено жените со попречености се соочуваат со уште поголеми проблеми кога треба да користат тоалет на автопат, затоа што од фактичката состојба која ја констатиравме на терен, најголем дел од јавно достапните тоалети не се пристапни за лицата со попречености.

„Имајќи предвид дека и жените сè почесто возат низ Северна Македонија заради работни обврски, сметаме дека овој проблем треба соодветно да се покрене и доколку досега не размислувале за тој проблем, да се поттикне Јавното претпријатие за државни патишта да издвои средства или за изградба на нови јавни тоалети на автопатиштата или да се искористи инфраструктурата на бензинските станици, па преку јавно – приватно партнерство или некој друг начин што ќе произлезе од истражувањето, да се направат соодветни простории кои ќе можат да ги користат и жените без страв за нивното здравје или сигурност“, апелираат од РАДАР.

Една од Одржливите развојни цели вели дека до 2030 година, потребно е да се обезбеди достапност и одржливо управување со вода и санитарни услови за сите. Од РАДАР посочуваат дека ова важи и за соодветни санитарни услови на сите автопатишта.

„Итно се потребни инвестиции и иновации за да се зголеми напредокот на целиот „санитарен ланец“ од обезбедување соодветни тоалети, преку транспорт, собирање и третман на отпадот кој ќе се произлезе од тоа. Јавниот и приватниот сектор мора да работат  заедно за да создадат одржливи санитарни системи кои ќе бидат функционални и прилагодени на потребите на корисниците односно на сите луѓе“, сметаат тие.

Во националната регулатива за јавните патишта, во Законот за јавни патишта нема посебни одредби кои се однесуваат на јавни тоалети, обврската за нивно поставување и одржување, на колку километри и според кои стандарди. Во Законот само е наведено дека можат да се градат објекти кои служат за потребите на возилата и патниците, како и придружни објекти (јавно ВЦ и туш кабина), без подетално објаснување на стандардите за нивно поставување.

Но, европските регулативи предвидуваат „поставување на места за одмор на автопатиштата приближно на секои 100км во согласност со потребите на опкружувањето, на пазарот и на животната средина, со цел, меѓу другото, да се обезбеди соодветен простор за паркирање за корисници на сообраќај со соодветно ниво на безбедност и сигурност“.

Како за пример, на автопатот од Скопје до граничниот премин Богородица кај Гевгелија има 12 бензински пуми од кои само 5 имаат пристап за лица со количка, два тоалета се со чучавци и пет се надворешни, односно најчесто зад објектот што и не е пријатно да се користи во вечерни часови.

Првиот специјален тоалет за лица со посебни потреби, поширок и посебно означен, е на 134 км од центарот на Скопје. На делот од Богородица до Скопје има 10 бензински пумпи со тоалети, од кои 9 се пристапни за лица со посебни потреби. На овој правец има и поголема различност на фирми кои имаат бензински пумпи.

„И во двата правци само на две бензински пумпи има место за пресоблекување на бебе и тоа само во женскиот тоалет. Во однос на чистотата, впечатокот е дека зависи од вработените и дека листата со потписи за чистење не е гаранција за чистотата на тоалетите“, се вели во анализата.

Од РАДАР истакнуваат дека и во двата правци нема уредени места за застанување.

„Има места што претендираат да бидат паркинзи, но или не се соодветно уредени или се преполни со ѓубре, нема чешми, корпи за отпадоци… Едноставно на нив може да се застане само доколку навистина се мора“, се наведува во анализата.

Според податоците на Јавното претпријатие за државни патишта, вкупната должина на патната мрежа во државава изнесува 14.182 км, од кои 242 км се класифицирани како автопатишта, 911 км се магистрални патишта, 3.771 км регионални, а 9.258 км се локални патишта.

Повеќе од половината од испитаниците сметаат дека треба да има тоалет на растојание од 30 км. Во однос на тоа дали тоалетот треба да биде јавен или во рамки на бензинска пумпа, одговорите секогаш се поврзуваат со чистотата и осветленоста, односно безбедноста на возачите. Испитаниците сметаат дека треба да има и јавни тоалети заради средствата што ги плаќаат за патарините и при регистрација на возилата, но да бидат на осветлени места за одмор и да бидат редовно одржувани.

Од РАДАР предлагаат неколку начини за финансирање на јавни тоалети. На пример, ако јавните тоалети се во сопственост на претпријатие кое стопанисува со државни патишта, начинот на финансирање може да биде бесплатно за корисниците, а трошоците да бидат покриени од буџетот на ова претпријатие кое го добива од патарините. Потоа, од дополнително минимално зголемување на цената на патарините, или пак бесплатно за корисниците, а трошоците да бидат покриени преку поставување на реклами на одредени фирми кои ќе плаќаат за тоа.

Е.П.