Граѓаните од ЕУ сметаат дека имаат придобивки од членството, но и дека Унијата се движи во погрешен правец

Половина од жителите на земјите членки на Европската Унија веруваат дека ЕУ се движи во погрешна насока, сепак, мнозинството граѓани сметаат дека членството во Унијата е добра работа и дека не би ја напуштиле заедницата доколку се одржи референдум за тоа, покажува ново истражување на јавното мислење.

Според анкетата „Парлеметер“, на Европскиот Парламент, процентот на жители на ЕУ кои сметаат дека Унијата се движи во погрешна насока се зголемил за 8% во споредба со април. Ова претставува „ненадеен пресврт во трендовите“, посочува истражувањето, бидејќи процентите по ова прашање постојано се намалувале од септември и октомври 2016 година.

Трите држави каде процентот, по ова прашање, најмногу пораснал се Франција и Германија (во двете држави по 13%), што е загрижувачки, бидејќи токму овие ЕУ членки се сметаат за моторите на европската интеграција.

Сепак другите резултати не се така црни за ЕУ. Низ Унијата 68% од жителите сметаат дека нивните држави имале придобивки од членството, што е највисок процент во последните 25 години, додека 62% од анкетираните изјавиле дека, за нив, членството во ЕУ е добра работа.

Најголемиот број од граѓаните, како главна придобивка од ЕУ го посочиле економскиот раст во нивните држави.

Овие позитивни мислења се отсликуваат и во тоа дека 66% од жителите на ЕУ изјавиле дека би гласале нивната земја да остане земја членка на заедницата доколку во нивната држава се одржи референдум по ова прашање. Само 17% од испитаниците се изјасниле дека би гласале за излегување од ЕУ, додека дополнителни 17% биле неодлучни.

Процентот за останување во ЕУ е особено висок кај младите луѓе – 71%.

Најприоритетни теми за граѓаните пред претстојните европски избори се имиграцијата (50%), економија и развој и справување со младинската невработеност (по 47%), борбата против тероризмот (44%) и справувањето со климатските промени (40%).

Најпосле, испитувањето на јавното мислење покажува дека свеста за европските избори во мај 2019 година е повисока од последните анкети, но алармантно е што дури 44% од граѓаните не знаеле да кажат кога се одржуваат следните избори.

Дополнително, додека 31% изјавиле дека сигурно ќе гласаат, а други 18% дека веројатно ќе излезат на изборите, сепак 33% рекле дека најверојатно нема да учествуваат на гласањето.