Граѓани реагираат дека пак се активира депонијата покрај Вардар во Аеродром, од Општина не се запознаени

Жителите на Ново Лисиче, чии домови се во близина на последната постојка за „5-ка“, на крстосницата помеѓу булеварот АСНОМ и Февруарски поход, реагираат дека повторно е активирана депонијата за која се жалеа уште пред речиси три години.

До редакцијата на Радио МОФ испратија фотографии на кои се гледа насобран градежен шут и отпад.

„Тука, секојдневно, речиси 24/7, товарни камиони без ознака, во фрекфенција од 5 камиони во 10 минути, истоваат градежен шут и отпад, притоа нанесувајќи огромни количини кал и земја долж улицата Февруарски поход. Од прашината што се крева,  концентрациите на ПМ2,5 честици во овој реон  се огромни во текот на целата година. На истата локација се наоѓа градилиштето од проектот за третман на отпадни води, кој требаше да заврши на 14.02.2020“, велат тие.

Жителите бараат итни мерки за да се спречи натамошно ширење на депонијата и нејзино дислоцирање, бидејќи како што велат, проблемот се јавува во ек на глобална пандемија и економско-хуманитарна криза.

„Следува топол период, така што ризиците по здравјето на граѓанитe и околина е се огромни“, стои во нивната реакција.

Од Општина Аеродром, пак, велат дале дозвола за вршење градежни активности за пречестителна станица на таа локација. Оттаму тврдат дека дека немаат информации за настаната депонија и ги повикаа граѓаните да пријават.

„Ние немаме информации дека таму има депонија, но би ја повикале јавноста да пријават доколку забележат фрлање шут и друг отпад на тоа место, по што инспекциските служби ќе излезат на терен и ќе извршат контрола“, стои во одговорот на општината за Радио МОФ.

Дополнително, информираат дека во соработка со Град Скопје изминатиот период исчистиле голем број депонии на ниво на целата територија на Општина Аеродром, при што отстраниле околу 5.500 кубика шут и друг отпад. Овие локации, велат од општината, ги уредиле со пешачки патеки, детски игралишта и садници.

Радио МОФ пред три години пишуваше за депонијата покрај кејот на Вардар, каде неретко се забележуваа купишта со отпад кои во летните горештини помагаа ужасна миризба да се шири низ населбите и целата општина. На истата локација избувна и пожар кој мораше да се гаси со две пожарникарски возила.

Тогаш од Општина Аеродром се оградија од проблемот, велејќи дека овој дел покрај Вардар е под ингеренции на Град Скопје. Радио МОФ упати прашања и до Градот, но до објавување на текстот, не добивме одговор.

Е.П.