Граѓани бараат спас во маслото од канабис, иако е нелегално

Се повеќе граѓани во Македонија се решаваат да бараат лек за својата болест надвор од секојдневната медицина. Маслото од канабис е едно од можните решенија на кои луѓето се одлучуваат, иако е нелегално. Нивната мака ги принудува да ги кршат законите со надеж дека ќе го спасат својот живот.

„Немаме друг излез, сè што сме пробале може ќе ублажи, но веднаш потоа болеста напредува. Првпат со маслото за канабис се случи да има подобрување“, раскажува татко на 23-годишна скопјанка, кој од разбирливи причини сака да остане анонимен.

Неговата ќерка, наместо да ужива во животот како своите врсници, секој ден го поминува во количка бидејќи боледува од мултиплекс склероза.

Откако повеќе месеци истражувал на интернет и консултирал неколку семејства од регионот кои се соочувале со слична ситуација и го користеле маслото, решил и тој да проба за ќерката да најде масло од канабис и да го искористи како лек. Вели дека маслото го набавува од Холандија и Австрија, но не открива како го внесува во Македонија.

Според него, доволно е по една капка на ден од маслото да се внесе во исхраната, за да има подобрување кај болните кои го користат. Неговата ќерка продолжила да ја користи и препишаната медицинска терапија, но овој пат засилена и со канабисното масло. По неколку месеци употреба, тврди дека се подобрила функцијата на рацете, дишењето и крвната слика кај неговата ќерка.

Љупчо, средовечен сопруг и татко, кој имал рак на дебело црево, вели дека без да знае неговиот доктор, започнал со користење на маслото од канабис, но во исто време одел и на хемотерапија. Тој тврди дека неодамна направил испитувања кои покажале дека нема знаци на рак. Верува дека неговиот случај е доказ дека маслото од канабис има лековито дејство, но, за жал, многумина од луѓето не знаат за ефектите и предностите кои ги нуди.

Овие два примери, заедно со многубројните дискусии на социјалните мрежи, каде се повеќе луѓе тврдат дека маслото од канабис има лековито својство, покажуваат дека повеќе граѓани во Македонија бараат спас во овој вид масло, и покрај тоа што е нелегално.

Плашејќи се од евентуални проблеми со законот, повеќето од нив не откриваат ниту како доаѓаат до маслото од канабис, ниту од кого го набавуваат, или пак дали можеби самите го создаваат.

Марихуаната и маслото од канабис се забранети за медицинска и рекреативна употреба во Македонија, бидејќи државата е потписник на сите постоечки конвенции за дроги кои го пропишуваат поседот и трговија со марихуана како илегален. Според Кривичниот законик, казните изнесуваат од три до десет години затвор, а минималната казна е од три месеци до една година затворска казна.

Податоците на Министерството за внатрешни работи покажуваат дека во изминатата година биле поднесени вкупно 777 кривични пријави за недозволено поседување на разни видови дроги и наркотични супстанци, што е за 30 отсто повеќе од 2013. Лани биле запленети вкупно 632 килограми марихуана, додека во 2013 биле откриени речиси 478 килограми. Само минатата година биле запленети над 7000 стебла во тетовско-гостиварскиот регион.

„На 13 јули годинава, по повод Светскиот ден на борба против малото и лесно оружје, во погоните на „Југохром“ во Јегуновце биле уништени преку тон разни видови дроги, од кои најмногу марихуана – 839 килограми и 252 стебла“, велат од МВР за Радио МОФ.

Оттаму потенцираат дека маслото од канабис, заедно со останатите наркотични супстанци, е забрането во Македонија.

Правникот Јанаки Митревски смета дека сегашните казни се престроги. Неговата магистерска теза покажала дека во ниту една земја каде се одело на декриминализација на наркотици, тоа не довело до експлозија на нивна употреба, што е основен страв и противаргумент на противниците на декриминализацијата.

„Зарем треба да се претвориме во затворска држава? САД, кои имаат многу построги санкции имаат четирипати повеќе затвореници по глава на жител од Холандија, која ги има декриминализирано половина наркотици. Да го поставиме и прашањето дали нашиот затворски систем и Управата за извршување санкции се спремни да се справат со бранот затвореници кои ке ни ги доведе новиот Закон?“, вели Митревски.

Најпосочуван пример за тоа како декриминализацијата ја намалила злоупотребата на наркотиците е Португалија, каде како резултат на хероинска епидемија се примени радикално решение во 2001 година и се декриминализираа сите наркотици. Денес, 14 години подоцна, Португалија има историски најниско ниво на злоупотреба на тешки наркотици и едно од најниските проценти на преваленција за употреба на марихуана.

Наспроти ваквиот став, токсикологот д-р Андон Чибишев, кој долги години беше директор на Клиниката за токсикологија, а денес е пратеник во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, е против воведувањето на медицинската марихуана, бидејќи, според него, нема доволно клинички статистички податоци, кои го потвдуваат нејзиното корисно дејство.

„Сум читал научни списанија, исповеди, но треба голем број на случаи за да се покаже дека марихуаната помага. Потребно е да се истражува. За жал, во Македонија не можеме тоа да го направиме. Тоа го можат само поголемите држави. На некои заболувања делува позитивно, но ве уверувам дека не сме виделе, не сме имале такви случаи“, вели Чибишев.

Директорот на Клиниката за онкологија и радиотерапија Милан Ристески, пак, смета дека големо е полето каде марихуаната би можела да помогне, посочувајќи ги случаите со епилепсија и ракот, но според него, марихуната не лекува целосно.

Според него, никој нема право да стави патент врз марихуаната, освен ако не ја произведе во синтетичка форма. Како пример ги посочи „Сативекс“, кој претставува првиот лек направен со состојки од канабис и „Маринол“. И покрај тоа што Ристевски има неутрален став на ова прашање, тој не го оправдува тоа што цигарите, иако се многу поштетни од марихуаната, се далеку подостапни.

„Бидејќи има халуциногено дејство – ТХЦ, етички јас се прашувам зошто државата дозволува конзумација на алкохол  до одреден процент, којшто исто така, има халуциногено дејство. Меѓутоа, регулаторните тела на секоја држава треба да се произнесат. Зошто воопшто не е дозволено марихуана да се пуши? Цигарите немаат халуциногено дејство, но тие се силно канцерогени“, прашува Ристески.

Деканката на Факултетот за фармација во Скопје Светлана Кулеванова вели дека фармацевтите би биле „за“ легализација на марихуаната во медицински цели, но само ако тоа значи употреба на препарати на база на екстракт од марихуана, кои можат да бидат одобрени за промет.

Лекари по природна медицина, пак, се против користењето на екстракти од оваа билка.

„Јас сум за да се легализира канабисот, но тоа само од причина дека секоја билка има своја намена. Така што ако мораме да бираме помало зло, тогаш би било да се користи самиот канабис. Во процесот на лекување, често се кажува дека маслото лекува, но моето искуство покажува поинаку. Тоа не помага, само болките се намалуваат“, вели Илина Маркоска, лекарка по природна медицина.

Движење за легализација на медицинската марихуана и во Македонија

Во Македонија, првпат се покрена поширока јавна дебата за легализација на медицинската марихуана за случајот на актерот Кирил Поп Христов познат како Кили, кој беше обвинет за поседување и производство на марихуана. Иако Поп Христов тогаш призна дека произведува марихуана и масло од канабис, но само поради лошата здравствена состојба, судот му пресуди казна од една година. По отслужувањето, заедно со семејството замина во јужноамериканската држава Еквадор, каде ја продолжи терапијата со медицинска марихуана.

Неодамна и македонските здруженија „Зелена алтернатива“ и „Канабис Клуб“ започнаа со едукативни активности за придобивките и производите од канабисот. Целта е промена на законската регулатива. Тие преку онлајн-петиција побараа граѓаните да се произнесат на ова прашање, а организираа и музички настан и неколку проекции на едукативни документарни филмови за маслото од канабис.

Коноп фест 2015 – фото: 420 Macedonia

Според активистот Кирил Колеќевски, иницијативата претставува спонтана и силна заедничка желба за промена бидејќи, како што вели тој, канабисот има реална употреба во многу индустриски гранки, а растението има лековити дејства. На ова се надоврза и Филип Достовски, еден од основачите на „Зелена алтернатива“, кој смета дека треба да му се овозможи на човек што е болен, да може сам да одгледува стебла на марихуана според своите потреби.

Поддршка за легализација на медицинската марихуана тогаш добија и од претседателот на подмладокот на Либералната демократска партија Стефан Миноски, кој најави соработка со овие здруженија.

И други политичари во изминатиот период даваа изјави со кои надовестуваа дека можеби е време да се размислува за легализација на марихуаната, но само за медицинска употреба.

Претседателот на партијата „Достоинство“, Стојанче Ангелов пред неколку години се залагаше за отворање собраниска дебата за легализација на марихуаната. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, неодамна во интервју за НОВА ТВ, на прашање од гледач за тоа кој е неговиот став за легализацијата, одговори:

„Сум приврзаник на транспарентност, на можност и за нашите граѓани да користат нешто што им користи на граѓаните од Европската Унија. Значи во тој правец, јас сум поддржувач, но секако внимателно мора да видиме како тоа треба да се спроведе за да потоа не се злоупотреби за користење на наркотични средства и за други употреби“.

Сè повеќе земји ја легализираат медицинската марихуана

За лековитите својства на канабисот и маслото што се прави од ова растение веќе одамна се зборува и се прават бројни истражувања низ светот. Во едно истражување неодамна спроведено од германските хемичари и токсиколози Dirk W. Lachenmeier  и Jürgen Rehm, марихуаната е дури 114 пати посигурна од алкохолот.

Меѓудругото, светски познатиот активист за легализација на марихуната, Rick Simpson, самиот има направено рецепт за изработка на масло од канабис и најпрво го тестирал на себе откако му бил дијагностициран рак на кожа. Симпсон тврди дека маслото од канабис може да помогне во лекување на болести како што се дијабетес, артериосклероза, мултиплекс склероза, епилепсија, астма, псоријазa или рак.

Во Србија, ова прашање го поттикна Милан Савиќ, директор на болницата ,,Света Сава” во Белград. Хрватска најрано во септември ќе ја легализира медицинската марихуана. Во Словенија пак, измените во законот наидоа на негативни реакции од страна на активисти откако само на фармацевтските компании им беше дозволено да увезуваат препарати на база на канабис, но и да прават производи на база на вештачки канабис.

Во Чешка, откако во 2013 беше донесен законот, се уште има проблеми во снабдувањето на аптеките. Имено, иако поголемиот дел од аптеките се подготвени, лекарите ја немаат потребната опрема во нивните ординации. Минатата година прашањето за медицинската марихуана беше актуелизирано и во Црна Гора, од страна на Либералната партија.

Од европските држави медицинската марихуана е легална и во Австрија, Финска, Франција (во вид на препарати како „Маринол“), Германија, додека во останатите држави како Швајцарија, Шпанија, Русија, Норвешка, Луксембург, Италија, Исланд, Естонија е нелегална, но се толерира поседување на мали количини, а некаде и садење до три стебла.

Сепак, марихуаната останува нелегална во Босна и Херцеговина, Бугарија, Кипар, Грција, Литванија, Малта, Шведска, Турција, Велика Британија, Словачка, како и во Албанија која се смета за најголемиот европски производител на канабис.

Во Америка, досега 23 земји ја легализираa медицинската марихуана, а две се очекува да го направат тоа до наредната година.

Во холандската медицина пак, докторите имаат ограничена листа на случаи каде можат да препишат одредено количество на марихуана во различни форми, во вид на цело растение, суви листови или коренот.

Емилија Петреска

*Дел од текстот е работен за предметот „Истражувачко новинарство“ при Високата школа за новинарство и за односи со јавноста