Град Скопје објави препораки за загадениот воздух

Откако до Град Скопје стигна известување од Министерството за животна средина тие ги објавија препораките до граѓаните и институциите, бидејќи надминување на концентрацијата на ПМ10 честичките во воздухот во текот на  пет последователни дена е над 50 микрограми на кубен метар.

Така, на граѓаните им се препорачува возилата да не ги користат без потреба, повеќе лица да се возат во едно возило или да се користи јавниот превоз. Препорачки има и за греењето, да не користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал туку да се користи суво и чисто дрво, без примеси од земја и отпадоци. Препорачуваат и печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот, а и оџаците редовно да се чистат.

 Во препораките за заштита на здравјето на луѓето се наведува: 

– Избегнувајте користење автомобил, доколку е возможно, претпочитајте јавен превоз, со цел да се намалат емисиите на PM10;

– Посебно доцна навечер или рано наутро кога концентрациите на PM10 можат да го достигнат максималното ниво, препорачливо е да се избегнува долгорочна изложеност на отворено;

– Доколку луѓето имаат повеќе од еден систем за греење во домот, пожелно е да се избегнува употреба на цврсти горива во текот на критичниот период со зголемени концентрации на PM10;

– Треба да се одложат сите активности на отворено, доколку не се итни.

 Препораки до институциите и правните субјекти:

 – да се зголемат инспекциските контроли на инсталациите во надлежност на МЖСПП и општините во градот Скопје;

– да се зголемат инспекциските контроли на субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла од страна на општинските инспекциски служби;

– да се зголемат и спроведат вонредни инспекциски контроли на градилиштата во надлежност на општините;

– да се спроведува зачестено чистење на улиците и пешачките површини во надлежност на општините во градот Скопје;

– доставата на стоки со возила да се извршува пред 7:30 или по 18 часот;

обуките на авто школите да се реализираат во период од 9:30 до 14:30 и по 18:00 часот;

– да се зајакнат вонредните контроли на МВР во однос на техничката исправност на возилата за кои се сомневаат дека имаат зголемени емисии на штетни гасови;

– да се зголемат инспекциските контроли на оџаците во домаќинствата, објектите и индустриските и занаетчиските постројки од страна на државните инспектори за заштита и спасување;

– сите правни субјекти (административни и јавни установи) што за затоплување користат уреди за согорување – котли, истите да ги контролираат за обезбедување оптимален режим за согорување, пропишан со стандардите, со што нема да испуштаат загадувачки материи;

– да се откажат/одложат големи јавни собири, спортски настани и културни настани на отворено.

Скопјани се гушат во смог

Синоќа концентрациите на ПМ10 честици во Лисиче се качија на 222 микрограми, Ректорат 193 микрограми, Центар 137 микрограми, Карпош 135 микрограми. Во просек целодневните концентрации во Скопје се меѓу 100 и 150 микрограми на метар кубен, или 2-3 пати повеќе од дозволеното. Жителите на градот коментираат дека воздухот смрди, а здравјето трпи.

Во табелата подолу се дадени датумот кога последен пат е регистрирано надминување на среднодневната гранична вредност (50 µg/m3) за PM10 честици во воздухот заедно со, среднодневната концентрација, но и  вкупниот број на надминувања на секое мерно место во тековната година и дозволениот број на надминувања на годишно ниво. Резултатите се алармантни. Мерните станици во Лисиче, Ректорат, Гази Баба, Кавадарци и Куманово, регистрирале над 100 дена со загаден воздух во изминатите 10 месеци, а годишно е дозволено да има максимум 35 вакви денови. Близу до 100 дена со смог дишеле и жителите на Карпош, битолчани, тетовци.