Град Скопје го осудува фрлањето на отров на јавни површини

Градот Скопје во соопштение до медиумите, најостро ја осудува постапката на одредени неодговорни поединци или групи, за фрлање на отров и отровни материи, со цел на труење на бездомни животни. Реакцијата ја пренесуваме во целост.

„Оваа постапка е крајно неодговорна и претставува сериозна опасност по здравјето и животот на луѓето и животните, а воедно истото претставува и кривично дело.

Градот Скопје остро го осудува ваквото поведение на некои несовесни граѓани, и уште еднаш апелираме, доколку се забележи ваков случај, веднаш да се пријави во полиција.

Градот Скопје во 2007 година го отвори стационарот за бездомни животни во Вардариште, кој го стопанисува ЈП „Комунална хигиена“, каде работи согласно принципите за хуман третман на животните – ЦНР програма (catch, neuter, release – “залови, стерилизирај, пушти“), осмислена од Светската асоцијација за заштита на животни (WSPA) и Кралското здружение за заштита на животните на Велика Британија (RSPCA).

Изминативе неколку години капацитетот на стационарот „Вардариште“ е зголемен двојно. Објектот е изграден според европски стандарди и во него се сместени 48 нови боксови за сместување и хуман третман на заловените кучиња скитници, за што Градот Скопје потроши околу 7 милиони денари.

Доколку забележите појава на труење на животни, покрај во полиција на тел. 192, истото пријавете го во ЈП „Комунална хигиена“ на тел. 02 321 66 44 и во стационарот „Вардариште“ на тел. 02 820 13 57“.

Против насилството и суровоста над животните, поради случаите со труење и бесење на бездомни животни, утре на плоштад „Македонија“ во Скопје од 12:30 часот ќе се организира собир под името „Македонија против насилството врз животните“.

Иницијатор на собирот е Здружението „Анима Мунди“, кое како барања наведува масовна стерилизација, а не масовна елиминација на животните. Исто така, активистите бараат забрана за слободната продажба на отрови, под итно формирање полиција за животни, но и казна затвор за насилниците.