Град Скопје доделува 25 стипендии за средношколци со попречености

Град Скопје доделува стипендии на 25 средношколци со попречености, ученици во средните училишта на градот, за учебната 2020/2021 година, со цел подигање на квалитетот на образованието на оваа категорија на ученици.

Право на стипендија имаат кандидати кои учат во средните училишта на Град Скопје, а кои ги исполнуваат следниве услови:

  • Да се ученици со попречености кои имаат наод и мислење за видот и степенот на попреченоста во психичкиот или физичкиот развој и специфичните потреби, издаден од надлежна установа, согласно Правилникот за оцена на специфичните потреби на лицата со пречки во физичкиот или психичкиот развој;
    Да се државјани на Република Cеверна Македонија;
    Да се жители на Скопје;
    Да се редовни ученици  во средно училиште на Град Скопје;
    Да се редовни ученици од I  година кои  во текот на основното образование  имаат постигнат  минимален просечен успех од  3,00;
    Да се редовни ученици од II до  IV  година кои  во текот на средното образование  имаат постигнато  минимален просечен успех од  3,00;
    Да не се корисници на стипендија од друга институција, претпријатие или друга организација во учебната 2020/2021 година;
    Да немаат повторувано година во текот на  своето образование, освен поради здравствени причини.

Висината на стипендијата  за еден ученик ќе изнесува 3.000 денари месечно (нето износ) , во времетраење од 9 (девет) месеци за учебната 2020/2021 година.

Во постапката за доделување стипендии од Програмата за активностите  на Град Скопје од  областа на средното образование за 2020 година, во изборот ќе влезат апликанти – средношколци,  кои врз основа на критериумите ќе обезбедат најмалку 60 бодови, од вкупно 100 бодови.

Евалуацијата на барањата ќе ја изврши Комисијата формирана од Градоначалникот на Град Скопје, а во согласност со Правилникот за доделување на стипендии за средношколци со попречености кој е даден во прилог на Јавниот повик и објавен на веб-страницата на Град Скопје www.skopje.gov.mk.

Пријавувањето на Јавниот повик се врши со доставување на следнава документација:

  • Пријава за стипендирање на средношколци со попречености, ученици во средните училишта на Град Скопје;
    Копија од лична карта на родител/старател/друго овластено лице;
    Копија од државјанство на апликантот;
    Потврда за редовен ученик во учебната 2020/2021 година издадена од средното училиште;
    Копија од свидетелствата за завршени претходни учебни години, при што учениците од прва година средно образование потребно е да ги приложат свидетелствата од основно образование (од 6-то до 9-то одделение);
    Наод и мислење за видот и степенот на попреченоста во психичкиот или физичкиот развој и специфичните потреби, издаден од надлежна установа, согласно Правилникот за оцена на специфичните потреби на лицата со пречки во физичкиот или психичкиот развој;
    Потврда од средното училиште дека апликантот нема повторувано учебна година во текот на своето образование, освен поради здравствени причини (што се докажува со соодветна медицинска документација);
    Изјава потпишана од родител/старател/друго овластено лице со која се потврдува дека апликантот не е корисник на стипендија од друга институција, претпријатие или друга организација во учебната 2020/2021 година;
    Изјава за согласност за обработка на лични податоци.

Пријавите треба да се достават до Град Скопје, преку пошта на адреса: бул. „Илинден“ бр.82, 1000 Скопје, или во Архивата на Градот Скопје (барака 16), најдоцна до 24.09.2020 година до 19:00 часот на последниот ден од завршувањето на Јавниот повик, со назнака: за „ЈАВЕН ПОВИК ЗА ДОДЕЛУВАЊЕ СТИПЕНДИИ НА СРЕДНОШКОЛЦИ СО ПОПРЕЧЕНОСТИ, УЧЕНИЦИ ВО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА  НА ГРАД СКОПЈЕ“.

Пријавите се доставуваат во затворен и запечатен коверт, без означување на апликантот кој ја поднесува пријавата. Неуредните пријави што не се доставени на начин како што се бара во горенаведниот текст, односно содржат нецелосни податоци и некомплетна документација, како и тие што нема да бидат доставени во наведениот рок, нема да се разгледуваат.

Списокот на избраните кандидати ќе биде јавно објавен на веб-страницата на Град Скопје www.skopje.gov.mk, а дополнителни информации можат да се добијат на телефон 3297-319.