„Гоце“ ќе го обновува фирма од Вевчани, во следните седум месеци

Студентите од домот „Гоце Делчев“ ќе почекаат барем до пролет за реализација на ветувањето за санација на ентериерот во руинираниот сместувачки капацитет. Министерството за образование и наука на почетокот на август го потпишала договорот за реконструкција на блокот Б од овој објект лоциран во скопско Тафталиџе, која ќе опфати санација на собите, ходниците и тоалетите. За изведувач на градежните работи е избрана вевчанската фирма „ВИА“, на која ќе и бидат исплатени 76.397.375 денари (околу 1,2 милиони евра). Рокот за завршување на санациониот зафат изнесува седум  месеци.

„Гоце“ ќе го обновува фирма од Вевчани, во следните седум месеци

Од Министерството за образование и наука неодамна најавија дека подобрувањето на условите за живеење во студентскиот дом „Гоце Делчев“ ќе се одвива во неколку фази, при што најпрво ќе се спроведе санација на блокот Б од објектот. Врз ентериерот на студентскиот дом „Гоце Делчев“ не се извршени поправки уште од пуштањето во употреба на зданието во 70 – те години на минатиот век. Внатрешните простории во моментов се наоѓаат во катастрофална состојба, додека снимки од девастираните соби во кои живеат студентите беа објавени и во дел од странските медиуми.

Студентскиот дом „Гоце Делчев“ во своите простории може да прими преку 1.200 лица, и тоа во 544 двокреветни соби, 64 еднокреветни соби за апсолвенти и 54 соби за студенти во брак. Автор на идејното решение за ова здание е пензионираниот професор Георги Константиновски.

Извор