Големите аукциски куќи повеќе нема да продаваат производи од рогови на носорози

Меѓународната аукциска куќа Сотеби ја откажа претстојната продажба во Хонг Конг на артефакти од рогови од носорози и се приклучи на други компании, како Бонамс, во заложбата дека повеќе нема да ставаат на аукција вакви производи, пренесе Агенцијата Франс Прес.

Одлуката на Сотеби е донесена викендов, откако требаше да бидат поставени на аукција три сета предмети кои содржат рог од носорог оваа недела.

„Компанијата нема да нуди артефакти од рогови на носорог во иднина. Сотеби го осудува секое нелегално убивање и трговија со загрозени видови на диви животни и силно ги поддржува напорите за конзервација од глобалната јавност“, изјавил Николас Чоу, директор на азискиот оддел на аукциската куќа.

Претходно и Бонамс откажа аукција на 21 сет на предмети од рогови на носорози кои вределе 3,87 милиони долари.

Откажувањата на аукциските куќи доаѓа по големиот притисок на триесет и седум организации за заштита на дивиот свет. Онлајн петицијата, кои овие аукции ги смета за неетички, била потпишана од повеќе од 10 илјади луѓе.

Јужна Африка, која е дом на скоро 80 проценти од светската популација на носорози, е најсилно погодена од криумчарите. Последнава деценија убиени се повеќе од 7.100 животни.

Роговите од носорог се многу ценети во Азија, каде достигаат цена и до 60.000 долари за килограм.