Големата борба во Белград за спас на урбаната област Савамала

Савамала, урбано соседство во Белград, кое се наоѓа во непосредна близина на реката Сава од едната страна, и центарот на градот од другата страна, претставува автентичен дел од главниот град на Србија. Областа е полна со важни и вредни згради и стари занаетчиски продавници кои даваат посебна атмосфера. Овој дел од градот, кој се наоѓа во срцето на Белград, до пред неколку години беше напуштен, транзитен дел од градот, но денес е вистинска културна област во која доаѓаат огромен број на луѓе за да уживаат во разните ноќни програми.

За љубителите на андерграундот, има повеќе места, меѓу кои доминира КЦ град. Ова урбано место има богата музичка програма и други уметнички активности. За поголеми настани, постои Депо магацин, кој генерално ги отвора вратите за големите диџеи.

Тука се почнати и неколку забави како „Banging Belgrade“, која популарно се нарекува „Banging Arena“. Освен тоа, тука е и клупското трио Младост-лудост-радост, кое има помирна, но одлична атмосфера.

„Бизнис инсајдер“ го смести Савамала на листата на 12 најдобри квартови во Европа. Посебно е истакнат Миксер фестивал, регионален фестивал на креативност и иновативност, кој четири години по ред во Савамала носи преку 1000 креативци од различни креаеви на Европа. Но, ова не е единствениот странски медиум кој пишувал за Савамала, дури и „Гардијан“ ја опиша областа како едно од најкреативните српски културни места.

Со сите овие признанија, некој во Србија очигледно не се согласува, бидејќи ноќта помеѓу 24 и 25 април, булдожери урнаа објекти на две улици во областа Савамала. Граѓаните кои биле затекнати таму во тој период, биле избркани. Некои од нив пријавиле насилство, но полицијата не сакала да реагира и ги упатувала до Комуналната полиција. Од извештајот на Народниот правобранител Саша Јанковиќ за работата на полицијата таа ноќ, произлегува дека од врвот на полицијата е наредено граѓаните да се упатуваат кон Комуналната полиција.

Информации за тоа кој и зошто го рушел тој дел од градот не се познати до денес, повеќе од месец дена по инцидентот. Интересен е фактот што на тоа место, меѓу другото, треба да никнат згради предвидени во проектот „Белград на вода“, на кој многу граѓани во Белград се спротивставуваат.

„Што да кажам? Страв и ужас. Тоа е се поради проектот ‘Белград на вода’. Потребни се закони за да се урнат тие некои објекти преку ноќ, а бидејќи се уште не се донеле закони за тоа, вака им е побрзо, бидејќи рокот е до средината на јуни. И потоа мрак, маски и вози. Малку ми се црни асоцијациите, но логиката едноставно води кон тоа. Ќе видиме што ќе биде, многу пати сум го гледал сето ова. Протести имаше пред две недели, на првиот имаше две илјади, а на вториот повеќе од 20 илјади луѓе“, вели диџејот Филип Чави Јовановиќ.

Проектот „Белград на вода“ се финансира со арапски пари, а владата на Александар Вучиќ го прикажува како еден од темелните проекти, кои би требало да го освежат Белград.

„Ова што се случува во градот ми дава лошо чувство. Ова ако помине, тоа ќе биде повеќе правило од исклучок и нема да биде ограничено на ‘Белград на вода’, затоа најмногу и се грижам. Тоа решавање по кратка постапка на се што ќе се најде на патот е доста опасно. Не дава слика за безбедно општество, дури ниту на праведно“, објаснува Јоановиќ.

Поради настанатите ситуации во Белград е покренета иницијативата „Не да(ви)мо Белград“, која се претставува како „група на луѓе од различни профили, професии и верувања, сплотени за заедничка цел – да се сопре деградацијата и кражбата на Белград, во има на мегаломанските урбанистички и архитектонски проекти, пред се ‘Белград на вода’.

Со големиот протест, на кој присуствуваа повеќе од 15 000 луѓе, се покажа дека Белград ќе се бори против „одземање на делови од нивниот град во корист на приватни интереси и нетранспарентните актери“. Протестот започна со една минута молк за еден од вработените во обезбедувањето, кој почина по инцидентот. Чуварот бил сведок на уривањето таа ноќ, кога маскираните лица го врзале, му го одзеле мобилниот и документите.

Иницијативата ја поддржуваат повеќе од 45 илјади граѓани, а на 11 јуни во 18 часот ќе се одржи уште еден протест пред Градското собрание на Белград. На протестот се приклучија претставници на политички партии, како што се Бојан Пајтиќ, Борис Тадиќ, Зоран Живковиќ, Санда Рашковиќ-Ивиќ, Драган Маршичанин, Ѓорѓе Вукадиновиќ, и многу други.

„Следниот протест е закажан на 11 јуни. Што се однесува на атмосферата во Белград, охрабрува енергијата и решителноста на луѓето од иницијативата ‘Не да(ви)мо Белград’ и на засега, 10 000-те истомисленици, кои се надевам ќе бидат се повеќе и повеќе. Ми се чини дека повторно ќе има ‘нормални’ луѓе“, вели продуцентот Александар Ивковиќ.