Голем хуманитарен концерт и изложба во сабота во МКЦ

Во сабота (23 јануари)во Младинскиот Културен Центар ќе се одржи голем хуманитарен концерт и продажна изложба. На концертот ќе настапат повеќе познати македонски музичари: Нокаут, Гоце САФ, Last Expedition, ДНО, Верка и Влатко Илиевски.

Како дел од концертот ќе се одржи и продажна изложба на која ќе бидат присутни повеќе наши уметници изложувајќи слики, фотографии, принтови, накит и ракотворби. Со свои дела ќе се претстават Марко Георгиевски, Урош Вељковиќ, Тања Вукобрат, Стоилчо Георгиевски, Ана Аврамоска, Бане Наумовски, Драгана Стојчевска, Бети Јаков, Марија Јанкова, Елeна Ставреска, Милан Андов, Весна Ничева, Кристина Павлеска, Аврамоски Игор и Верче Стефановска.

Со овој настан кулминира месецот на хуманитарни активности #заСАЊА зад кои застанаа повеќе индивидуалци, групи, организации и компании. Сања Кухар која моментално се наоѓа во Германија каде и се врши операција на черепот е во тешка состојба после преживеаната сообраќајна несреќа. Сите средства од продадените билети и дела ќе бидат предадени на нејзиното семејство.

Почетокот на музичкиот настан е најавен во 20:00 часот, а билетите чинат 200 денари.