„Гласен текстилец“: Потранспарентни институции и соодветни казни за оние кои ја злоупотребуваат државната помош

Здружението „Гласен текстилец“ со соопштение до јавноста бара поголема транспаретност од државните институции и соодветно да бидат казнети оние кои ја злоупотребуваат државната помош.

Од Владата бара со уредба да се даде пристап до информации и бидат јавно објавени фирмите кои користат државна помош, со цел, како што велат, да можат да реагираат навремено за обезбедување на егзистенција на работниците и работничките.

„Исто така, бараме да се проверува бројот на вработени дали се почитува уредбата да нема откази и намалување на бројот на вработени во тие фирми“, велат од „Гласен текстилец“.

Според организацијата, граѓаните и вработените се оние кои го полнат државниот буџет и кои ќе ги враќаат кредитите кои сега се обезбедуваат како поддршка за стопанството.

„Исто така, бараме во иднина финансии кои се однесуваат за вработените, како на пример, исплатата на нето износ од 14.500 денари од вториот сет на мерки, да одат на директна сметка на вработените, не на сметка на фирмите за да се намали злоупотребата на државни пари“, соопштува организацијата.

Објаснуваат дека ваквите барања доаѓаат откако изминатите месеци беше воведена вонредна состојба и воведени мерки, препораки и уредби за да се заштити на населението и работниците од Ковид-19.

„Како Здружение кое работи на заштита на правата на работниците, со акцент на вработените во текстилната, кожарската и чевларската индустрија, изминатите месеци детектиравме повеќе прекршувања на работничките и човековите права на оваа група на граѓани. Дел од нив беа незаконски откази на договор за вработување, намалување на работно време иако тоа не беше случај, необезбедени услови на работно место согласно донесените протоколи за работа, исплата под минимална плата за вработени кои беа опфатени со времени мерки и оправдано отсутни од работен ангажман (хронично болни, бремени жени, родители на деца до 10 години)“, велат од Здружението.

Соодветно реагираале до надлежни институции, до Владата во однос на уредби и мерки, а активисти на Здружението постојано се на терен и ги следат состојбите.

„Голем дел од работодавачите кои немаа никаков прекин во производството, сепак толкуваа виша сила и не исплаќаа ниту минимална плата на вработените опфатени со времените мерки. Некои дури сметаа и дека можат да не исплаќаат воопшто плата иако имеше прецизни уредби од Владата дека ваквото отсуство се смета за оправдано. Реагиравме до Државниот инспекторат за труд и ваквите појави беа отстранети“, велат тие.

Според „Гласен текстилец“, во време на пандемија, кога товарот е на грбот на работниците и работничките поради сите овие незаконски откази, доцнење на плата, стравување по нивното здравје, во време кога Владата донесе три сета на мерки кои во 90 % одеа како директна помош за фирмите, жално е и срамно да се соочуваат и со намалени плати или неиплаќање ниту на минимална плата.

„Затоа го поставуваме прашањето, каде е овде улогата на Управата за јавни приходи да спречи злоупотреба во системот на исплата на плата, неисплаќање на минимална плата особено на луѓе кои не по своја вина се дома и ослободени од работен ангажман? Зошто мерката од вториот сет за исплата на 14.500 денари нето  се даде на работодавачите, наместо на работниците? Дали се проверува колку фирмите се придржуваат до владините уредби и мерки кога веќе ги слушаме вртоглавите суми кои се дадени за поддршка на фирмите?“, прашуваат од Здружението.