Ѓубре мое, што да ти правам? – Работилница за справување со сопствениот отпад

Во сабота (26 март), со почеток во 12 часот ќе се одржи работилница за справување со сопствениот отпад. Предавачи се Блаже Јосифовски од „ Ајде Македонија“ и Васко Цацаноски од Левичарско движење „Солидарност“ во чии простории се организира работилницата.

За влез на настанот е потребно да се донесе најмалку едно PET шише, стара батерија, електронски отпад, метален предмет, или стари и неупотребливи метални лажици и вилушки (за правење закачалка.

„Да, тапа сме. Фрламе отпадоци насекаде! Ги фрламе сите отпадоци заедно на едно место и оние најтоксичните и оние кои се богато ѓубриво за растенијата. Што може секој/а од нас, дома или на работа, сам/а да направи во отсуство на квалитетно системско решение? Дали системското решение колку и да биде добро замислено и првично поставено (а не е!), ќе функционира без постоење на свест за важноста за селекцијата и рециклирањето на отпадот?

Шведска само 1% од отпадот го фрла на депонии! Кога ќе сретнеме вакви статии на социјалните мрежи се воодушевуваме. Но, веднаш потоа, по вечерата во корпата за ѓубре ги фрламе заедно: пластичното шише, остатоците од вечерата, талогот од филџанот кафе и празните батерии од далечинското. Изговорот вообичаено е „што да правам, нема каде да фрлам!“ Тоа не е точно! Со многу малку труд, голем дел од отпадоците можат „умно“ да завршат онаму каде што нема да влијаат или минимално можно ќе влијаат на здравата животна средина“, се вели во најавата за работилницата.

На неа ќе бидат опфатени различните типови отпад и нивното влијание на средината, состојбата со селектирањето и рециклирањето на отпадот во Скопје, Македонија и светот како и најчестите грешки во селектирањето.

„Дали знаете за концептите рециклирај, редуцирај, реупотреби (recycle, reduce, reuse/upcycle)? Најдобро справениот отпад е оној кој не е воошто создаден. – Ќе се запознаеме со тоа како може да го намалиме создавањето на отпадот, но кога веќе сме го создале, како можеме да го употребиме за сосема друга практична намена.  Дали знаете дека од органските отпадоци што секојдневно ги фрламе, наместо да завршат во Дрисла, можеме да направиме најквалитетно ѓубре за нашата градина или саксии? За тоа не ни требаат никакви посебни услови, не ни треба голем простор, можеме да го направиме во мал дел од кујната во мал стан. – Ќе се запознаеме со vermicomposting – компостирање со црви“, се додава во повикот.

Во просториите на ЛД Солидарност веќе има специјализирани корпи за хартија, PET, батерии, метал и електронски отпад во кои слободно може да се одложи соодветниот отпад при било која посета. Настанот е поддржан од програмата Цивика Мобилитас