Германија призна трет пол во официјалните документи

„Интерсекс“ луѓето во Германија, кои не се вклопуваат ниту во машкиот, ниту во женскиот пол, добија можност да ја изберат третата опција во официјалните документи со новиот закон кој стапи на сила од 1 јануари.

Овие луѓе, отсега ќе можат да ја изберат категоријата „различен“, но за да го сторат тоа ќе им треба потврда од доктор. „Интерсекс“ лицата се раѓаат со карактеристики и од машки и од женски пол, кои можат да се појават при раѓањето или подоцна во животот.

И други земји ги ажурираа законите за да ги препознаат интерсексуалците. Австрија, Австралија, Нов Зеланд, Малта, Индија и Канада веќе преземаа мерки за решавање на проблемите со кои се соочуваат овуе граѓани. ОН вели дека до 1.7% од луѓето во светот се родени со интерсексуални особини, или оваа бројка е еднаква на оние кои имаат црвена коса. Ова е сепак различно од родовиот идентитет на лицето или нивната сексуална ориентација.

Сепак, многумина се соочуваат со стигма, законска дискриминација, па дури и присилна хирургија поради овие карактеристики.

Германија во 2013 година, им дозволи на своите „интерсекс“ жители да одбијат да се впишат како маж или жена, односно графата да ја остават празна. Но, во 2017 година, највисокиот суд во земјата пресуди дека е дискриминација да не се дозволи лицето да го избере својот пол, откако едно лице, регистрирано како женско, доставило хромозомски тест кој потврдува дека не е ниту еден од двата пола.

Германскиот парламент го изгласа законот минатиот месец.