Германија ќе тестира бесплатен јавен транспорт за намалување на загадувањето

„Автомобилската нација“ Германија ги изненади соседните држави со радикален предлок да го намали патниот сообраќај со бесплатен јавен транспорт, додека Берлин се бори да ги задоволи лимитите на Европската Унија за квалитетот на воздухот и да избегне високи казни.

Потегот доаѓа две години по големиот скандал со лажните тестови за издувни гасови на Фолксваген, кои поттикнаа револт и бес кон автомобилската индустрија, еден од темелите на германскиот просперитет.

„Размислуваме за бесплатен јавен превоз како начин за да се намали употребата на приватни автомобили. Ефективната борба против аерозагадувањето, без дополнителни непотребни одложувања, е највисок приоритет за Германија“, сметаат три германски министри, меѓу кои и министерката за екологија Барбара Хендрикс, во писмо упатено до еврокомесарката за животна средина Кармену Вела, пренесува Гардијан.

Предлогот ќе биде тестиран најдоцна до крајов на годинава во пет градови низ западна Германија, меѓу кои поранешниот главен град Бон и индустриските центри Есен и Манхајм.

Дополнително на бесплатниот превоз, меѓу предложените чекори се и дополнителни намалувања на емисиите од автобусите и такси-превозот, зони на ниска емисија, како и поддршка за програми за споделување автомобили.

Преземање акција по ова еколошко прашање е потребно многу скоро, бидејќи Германија заедно со осум други земји членки на Европската Унија, меѓу кои и Шпанија, Франција и Италија, го преминаа рокот од 30-ти јануари до кој мораа да ги запазат лимитите на Унијата за азот-диоксид и суспендирани честички (ПМ).

Еврокомесарката Вела им дозволила дополнително време на државите да презентираат дополнителни мерки за намалување на загадувањето, или да се соочат со правни последици.

Загадување, кое е опасно по животот, опфаќа повеќе од 130 градови во Европа според информации на Комисијата, предизвикувајќи околу 400 илјади смртни случаи и ја чинат Унијата околу 20 милијарди евра годишно во здравствени трошоци.