Германија ќе го легализира канабисот за медицински цели

Канабисот ќе биде достапен за сериозно болните пациенти во Германија, со рецепт во аптеките и неговата употреба најверојатно ќе биде покриена со здравствено осигурување, соопшти министерот за здравство Херман Грохе. Законот се очекува да стапи на сила во 2017 година.

Олеснувањето во регулативите, има за цел да го намали страдањето на тешко болните пациенти кои претходно не можеа законски да го користат канабисот како лек. Предлог-законот се очекува да биде одобрен од владата деновиве, за потоа да се отвори дебата во германскиот Парламент.

„Нашата цел е тешко болните пациенти да се лекуваат на најдобриот можен начин“, изјави германскиот министер Грохе, кој додаде: „Ние сакаме трошоците за медицинскиот канабис да бидат покриени со здравственото осигурување, ако не може да им се помогне поинаку“. Исто така, министерот најави дека министерството ќе поддржи истражување за медицинските ефекти од канабисот.

Предлогот за воведување на канабисот во медицината доби критика од германската Асоцијација за коноп, лоби група која бара легализација на канабисот. Тие се спротивставуваат на предлогот, според кој, за пациенти кои користат канабис, задолжително треба да учествуваат во истражувањето, како услов за тие да добијат надомест. Ова според нив, е преседан, и е тешко да се прифати.

Крајната цел на германските здравствени власти е да се одгледува медицинска марихуана на одредени одобрени места. Сепак, не е толку веројатно дека државата ќе успее да ја изгради потребната здравствена инфраструктура до 2017 година.
„Во моментов, околу 5 000 пациенти користат медицински канабис, во форма на капки или спреј. Само 500 од нив имаат посебна дозвола да го пушат канабисот за да ги намалат болките. Дозволите ги дава Државниот институт за дроги и медицински помагала.
Според анкета, објавена во ноември, минатата година, 82 отсто од Германците се „за“ легализација на канабисот за медицински цели, со некои 30 отсто од нив, кои се за целосна легализација на билката, вклучително и рекреативната употреба. Се проценува дека околу 800 000 пациенти годишно, ќе можат да добијат на рецепт медицинска марихуана како терапија, откако законот ќе стапи на сила.