Германците „Camera“ на 1 април настапуват во МКЦ

Тие што ги пропуштија германците „Camera“ на „Здраво млади 8“, сега ќе имаат можност на 1 април да ги слушнат во Младинскиот културен центар.

Овој берлинскиот бенд со право е споредуван со иконите на краутрокот од седумдесеттите како „Neu!“ и „La Düsseldorf“, со стегнат и моќен звук, иако тие, сè уште, на одреден начин се непредвидливи.

„Тешко дека кој било друг бенд знае како да создаде мутација од ситни музички нијанси кон вулкански ерупции како што знаат тие. ‘Camera’ е мотор што работи под полна пареа, и што може да експлодира во секој миг. Каскадите од звук носат матна слика на безгранична желба за бунтување, што во секој миг е под закана да заврши на чистилиште, иако е проколната да биде безмалку неуништлива“, стои во најавата на МКЦ за концертот.

Бендот продолжува со својата интергалактичка авантура на краутрок и на новиот албум – „Emotional Detox“.

Билети во претпродажба по цена од 250 денари само на билетарница на МКЦ или онлајн преку bileti.mkc.mk.