Герила акција во Карпош – Тажната Планета Земја се гуши покрај купиштата ѓубре

Ликот на Земјата со тажен израз, покрај расфрланиот отпад кај Мостот Газела во Карпош, поставиле еко-активистите од „Скопје Смог Аларм“, во еко-герила акција со порака за Денот на Планетата Земја, дека човештвото ја занемарува животната средина.

„Во потрага по економски раст и технолошки развој, човештво целосно  ја занемари мајката на сите мајки а таа е планетата Земја. Инсталацијата беше поставена во само една од повеќето стотици диви депонии ширум земјава и истата се наоѓа во Скопје (Карпош 4, кај Мост Газела). Позадината на фотографијата јасно го покажува деструктивниот однос на луѓето кон природата“, велат од неформалното еколошко здружение.

Целта на акцијата, како што посочуваат од „Скопје Смог Аларм“, е повторно да се зголеми нивото на свест кај луѓето за тоа каков однос имаме кон животната средина и кон единствената планета на која сите живееме.