[Галерија] Стокхолмското метро е најдолгата уметничка галерија во светот

Метрото во Стокхолм, чија градба започнала за време на важен период на културниот бум на Шведска кон крајот на 50-те години, сега е 112 километри долго патување низ пет децении на европската историја на уметност.

Длабоко под четиринаесетте острови кои го сочинуваат Стокхолм, се наоѓа најдолгата уметничка изложба на светот. Почнувајќи со Т-Centralen во градскиот центар, пред да продолжи кон приградските населби, стокхолмското метро е постојано патување низ европската историја и уметност. Како што метрото се проширувало надвор од градскиот центар, на неговите ѕидови било изложувано сé: од политички пресврти до постмодернизам, преку слики, резби, скулптури и мозаици.

Идејата да се создаде уметност во метрото произлегла од дебата која се води уште од 19-от век. Многумина сметаат дека уметноста треба да биде попристапна за поширока заедница, наместо да биде култура во која ужива само шведската елита.

Ова станало реалност кон крајот на 50-те, како дел од новата политичка идеологија позната како Folhemmet, или „Дом на народот“, водена од шведската Социјалдемократска партија. Иако поголемиот дел од Европа сé уште економски закрепнувал од Втората светска војна, неутралноста и високите стапки на данок на доход во Шведска значеле дека социјалдемократите имаат доволно пари да ги остварат своите визии.

„Социјалдемократите мислеа дека уметноста не треба да биде изолирана, туку треба да биде дел од Стокхолм“, вели Birgitta Muhr, скулпторка која работела во станицата Högdalen во 2002 година. „Стокхолм се ширеше во тоа време, и многу луѓе патуваа во предградијата за работа. Потребен беше систем на подземна железница кој ќе го поврзува градот и тие сакаа уметноста да биде достапна за секого. Имаше лотарии на кои можеше да се добие колекција на принтови од познат сликар за ниска цена, а се организираа и натпревари со кои сакаа да најдат уметници кои би сликале и создавале скуптури за T-Centralen“.

Сличен проект го разубави и московското метро пред 20 години, но за разлика од минималистичките и апстрактни креации кои можат да се видат во Стокхолм, таму уметниците оддадоа почит кон империјалниот, претежно декоративен уметнички стил на сталинистичка Русија.

Извор: Guardian