[Галерија] Со спектакуларен концерт во Келн, Мадона ја започна европската турнеја

Со спектакуларен концерт синоќа во Келн, Германија, започна европскиот дел на светската турнеја на кралицата на поп музиката – Мадона.

(1)

Оваа, десетта по ред турнеја, е насловена „Rebel Heart” исто како и актуелниот, тринаесетти по ред студиски албум, кој официјално излезе во март годинава. Во целосно распродадената арена „Ланексес“ , Мадона покрај новите хитови како „Iconic”, со кој го отвори концертот, „Holy Water” и „Bitch I’m Madonna” пееше и дел од старите хитови кои долго време не ги изведувала во живо.

Додека песните „Deeper and Deeper” и „True Blue” беа изведени во оригиналните аранжмани, „Like a Virgin” и „Material Girl” беа целосно освежени и модернизирани.

 

За време на синоќешниот настап „сет-листата“ на Мадона вклучуваше 23 песни, а целиот спектакл траеше точно два часа. Турнејата по Европа се враќа накратко во Америка и оттаму продолжува во Азија, каде Мадона ќе настапува по повеќе од 10 години пауза, како и во Австралија, каде последен пат настапувала пред 23 години.

Инаку, како и со претходната турнеја “MDNA”, Мадона и овојпат поставува рекорди. За нејзините настапи во Австралија најскапите билети, чија цена изнесува 2000 австралиски долари, беа распродадени веднаш штом беа пуштени во продажба.

Mадона, исто така, дополнително ќе ја зацврсти нејзината позиција како најуспешен соло-изведувач на турнеја. Иако многумина секогаш се фаќаат за нејзините години, Мадона на настапот во Келн покажа дека годините се само бројка и дека нејзиното време е далеку од поминато.

За Радио МОФ од Келн, Ѓорѓе Ѓорѓевиќ