[Галерија] Отворање на ОФФест 15 со Ива Битова и Сен Жермен

Без особена фанфара, со соло концертот на Ива Битова, вокалистка и виолинистка од Чешка, и францускиот бенд Сен Жермен, вчера вечер започна 15-тото издание на ОФФест.

Уште од првата вечер, почнувајќи со впечатливиот и ексцентричен настап на Битова во кино „Фросина“, петнаесеттото издание на фестивалот на светска музика го постави стандардот и очекувањата за овогодинешната програма на високо ниво.

Чешката виолинистка со својата невообичаена музика и енергична изведба беше вистинско освежување. Карактеристично за нејзината музика е што комбинира ономатопеја, пеење на повеќе јазици и „дијалог“ со нејзината виолина. Особено изненадување беше нејзината импровизација на традиционална македонска музика, и интеракцијата со публиката која со задоволство пееше со неа.

Концертот на Лудовик Навар и неговиот бенд Сен Жермен, кои годинава го направија својот голем камбек после цели 15 години од издавањето на нивниот последен албум, „Турист“, сосема ги исполни моите очекувања. Настапот во Скопје беше дел од нивната светска турнеја на која го промовираат својот нов албум, St Germain.

Музиката на Навар е џез-хаус, со елементи на традиционалната музика на Западна Африка, блуз и електроника. Неговиот бенд го сочинуваат врвни музичари од Мали, Сенегал и други западноафрикански земји, а освен „мејнстрим“ инстументите, овие виртуози во својата изведба ги вклучуваат и традиционалните инструменти балафон, хгони и кора.

Доминирајќи ја сцената и водејќи ја многубројната публика на патување низ африканскиот мелос, Сен Жермен речиси три часа неуморно свирeа, импровизираа, играа и уживаа целото тоа време. ОФФест секоја година нуди одлична програма за љубителите на светската музика, особено звуците на Мали, но исто како и минатогодишниот настап на Басеку Кујате и Нгони Ба и Тинаривен, и Сен Жермен поставија граница која натамошните изведувачи ќе треба да се потрудат да ја надминат.

Вечерва на фестивалот ќе настапат Саул Вилијамс од САД и португалско-анголскиот бенд Батида.

Стефанија Тенекеџиева