[Галерија] Основците од Ѓорче Петров направија модна ревија од рециклирани костими

Под мотото „На модна писта за природа чиста“, ученици од Основното училиште „Ѓорче Петров“ во Скопје, по повод патрониот празник беа дел од еко модно шоу облечени во облека изработена од рециклирани материјали.

Од училиштето, кое го организираа овој проект, велат дека со настанот сакале да се приклучат во борбата за зачувување на Планетата Земја, како најголем предизвик на денешницата.

„Денес, повеќе од било кога ,луѓето го минимизираат нивниот отпад и помагаат на животната средина преку селекција, рециклирање, реупотреба на материјали како што се пластиката, хартијата, алуминиумот и слично. И затоа апелираме: да го дадеме сите својот придонес во селектирањето, рециклирањето и изнаоѓање на инвентивни решенија за овој горлив проблем“, стои во фејсбук објавата на еко-настанот.

*Повеќе фотографии од настанот може да најдете на следниов фејсбук линк.

Покрај овој проект, учениците се вклучени и во меѓународниот проект, „Хоби Градини“, преку кој, кај децата треба да се поттикне градинарството, здравата исхрана, претприемништвото, како и социјалното и емоционалното учење преку тимска работа.

„Во училиштето, ги идентификувавме местата на кои може да направиме хоби градина и обезбедивме соодветна средина (почва и заштита) за растот на растенијата . Преку овој проект на градинарство и одгледување на градинарски култури се доближивме до почвата и научивме сами да одгледуваме спанаќ и авокадо. Истражувавме за нутритивните вредности и уживавме во производството и одгледувањето. На крајот го набравме спанаќот и направивме вкусна пита“, наведуваат од ООУ „Ѓорче Петров“.

Основците беа дел и од меѓународниот еТвининг проект „We Wear What We Sing“ во кој се претставуваа себеси и нивното училиште преку фотографии и видеа, изработуваа квизови, а на крајот и се поврзаа едни со други преку форум за да најдат е-пријатели и да пишуваат електронски пораки едни на други за да дознаат повеќе за земјите и културите. Во проектот биле вклучени училишта партнери од Шпанија, Португалија, Полска, Романија, Италија, Грузија, Турција.