Интересот на Влатко Деков за фотографијата трае подолго, но таа станува негова вистинска пасија пред нешто повеќе од две години. Најпрво започнува да се занимава со концертна фотографија, со што ги спојува неговите две љубови: музиката и фотографијата, но веднаш потоа главен интерес му станува уличната фотографија, односно сето она што се случува на улица, плажа или друг јавен простор.
За него улицата е најдоброто студио. Често патува и тоа му овозможува да фотографира разни култури и предели. Во последно време се интересира и за минималистичката, социјалната и арт фотографијата. Негови фотографии објавувале повеќе специјализирани магазини и веб портали за фотографија и култура.
Фотографиите од серијалот „Покрај вода“ се направени во Канада и неколку европски земји и се резултат на инспирацијата од водата, пределите и активностите на луѓето кои живеат покрај вода.
На црно-белите фотографии на Деков кои ги претставуваме, човечкото присуство, кога воопшто го има, како да не е во прв план. Со својот фотоапарат, тој создава атмосфера што многу наликува на постапокалиптична – „сцената“ е празна, а гледачот сам треба да ја замисли големата драма која (можеби) се одиграла. Минималистичката естетика и израз, пак, придонесуваат дел од фотографиите да изгледаат вистински мистериозно.
Фотографиите на Деков може да ги следите на неговите профили на Фејсбук и Инстаграм.
Извор: Окно