[Галерија] Магијата на психоделичниот трајбл фестивал „Озора“

По пандемиската пауза, летниот психоделичен трајбл фестивал „Озора“ во Унгарија повторно беше пуштен во полн погон. Ова е седумдневен фестивал, ама траеше 10 денови со сите пропратни програми и активности. И не е само музички хепенинг. Напротив, „Озора“ ја претвори долината на Дадпуста во вибрантна заедница со околу 30.000 луѓе, понуди разни стејџови, работилници, места за уметност и опуштање, инсталации и декор, колоритни штандови и сопствен пазар, чај-шопови… „Озора“ е магична приказна што вреди да се посети. Да се доживее со отворен мозок за спонтани дружби и седенки, но и со плускавци на нозе од играње и истражување локации, бидејќи е огромен простор кој живее 24/7 и нема лесно да ви испари од сеќавање.    

„Your vibe will attract your tribe“ (твојот вајб ќе го привлече твоето племе)“, ми рече еден фестивалџија од Германија додека се спремав за пат накај „Озора“. Германецот не беше далеку од вистината. Пред да запознаам десетици психонаути, хипици, трансери, алтернативци и патувачи на самиот фестивал, со Германецот контактиравме преку интернет и ми раскажуваше случки од изминатите години. Ги има многу! На „Озора“ е од самите почетоци во 1999 година, кога се случи прослава за целосно затемнување на сонцето на тогашниот „Total Solar Eclipse“. Во годините што минаа, „Озора“ претрпе повеќе трансформации, се ширеше со стејџови, инфраструктура и публика.

Дојде време да доживее „од прва рака“! Ако сакате авантура, како авторов на текстов, тогаш ве чека дооолго патување. И трпение. Ние менувавме автобус од Скопје во Белград, друг автобус Белград – Будимпешта, а таму со трамвај до железничката станица Келети. Дури потоа бркавме метро за да стигнеме до возот, за дури на крај да смениме втор воз и фатиме „party bus“ од Симонторниа, најблискиот град до фестивалот.

Попатно сретнавме Холанѓанец, патувач што се „вдомил“ неколку недели низ Балканот. Тотално отворен лик. Зборлест. Раскажуваше како ја посетил Албанија и Македонија, а „Озора“ му беше „цреша на тортата“ на патувањето. Ни кажа како се вика, ама ние си го викавме Трајче. Во воз сретнавме и млад пар од Англија. Барем проценивме дека се од таму по акцентот. Спиеле вечерта во некои шатори – на зграда во Будимешта! Платиле 10 евра од вечер. Односно „фатиле алтернативна варијанта за сместување, нешто far out”.

Конечно стигнавме! 29 јули, со цел да истераме 10 денови со сите бонус случки. Го поминавме знакот „Добредојдовте во рајот (Welcome to paradise“), a на влезот не’ чекаше редица долга 200-300 метри. Накрцани со ранци и шатори, капнати од патување, ноќта успеавме да најдеме камп во шумичка.

Дури сабајлето сфативме кај сме дошле. Кампови се распространети низ цела долина. Импровизирани или веќе планирани. Кој како се снашол, се пикнал под сенка, или едноставно нашол рандом место за шаторот. Позитивно на „Озора“ е што нема соби за изнајмување, туку сите се дел од камп-заедницата. Wi-Fi се фаќа само на влезот, што значи дека ќе се тргнете од Фесјбук и Инстаграм цела недела и ќе се препуштите на фестивалско лудило.

Во нашиот камп, „комшии“ ни беа ликови од Германија, Грција, Јапонија, Израел… Ова е солидарна зона. Живеете заедно на „Озора“. Ќе ти даде лажица сол, а ти ќе му позајмиш лопатка за правење ровови околу шатор, зашто барем ден-два истура дожд.

Но, дождот е добредојден. Главно е сончево, 30-40 степени. Сонцето „пржи“ по глава и врат, па фестивалџиите се покриени со капи и марами додека одат боси, шетајќи од рид на рид, локација до локација. Генерално се движат пеш, други на велосипеди. Намерно се „губат“ низ време и простор низ целата долина, или пак до езерцето каде е базиран Тhe Ambyss – своевиден чил стејџ.

Сцената на Тhe Ambyss е отворена во 2018 година со т.н. „пранајама диџериду“ церемонија. Секое издание оттогаш го следи широк спектар на амбиентална музика со концерти или диџеј сетови, комплетирајќи го аудиовизуелното искуство со сликање во живо. Погледот на езерото, тивката оддалеченост од другите етапи го прават овој дел една симпатична разладена област за чилање. Авторот на текстов таму го затекна Sitarsonic – утринска ситар сесија на Пако Родригез.

Првите два неофицијални денови на стејџовите Тhe Dome и Pumpui настапуваа јапонски изведувачи. Надоаѓачкиот аудиториум можеше да чуе неколку психоделични бендови и псајтранс диџеи. Особено импресивен беше The Dome, оживеан најпрво како стар циркуски шатор, за со време да се трансформира во место каде со нозете газите на мек песок, додека над себе имате неверојатни архитектонски сводови, полукружен колоритен психоделичен ентериер и листови како покрив. Како во клуб, ама полу-отворен. Клуб што диши.

Тука, за ова издание на „Озора“, се вгнездија стотици луѓе кои танцуваа, седеа, или едноставно си поставија хамоци во дрвениот објект за да уживаат во вселенската одисеја овозможена од современи електронски изведувачи како Saafi Brothers, Aes Dana, Eat Static, Jocko… На музичкото мени беше и Мишел Адамсон, која спреми сет траки од Shpongle, што претставуваше компензација бидејќи Shpongle годинава не дојдоа.

Отворањето на „Озора“ беше буквално како карневал. Мешавина од маскирани луѓе, разни психоделични концепти и локални традиции. Церемонијата стартуваше нешто пред 20 часот на 1 август. Низ фестивалот проделифираа свирачи и карневалски маски, а ридовите ги исполнија илјадници луѓе, чекајќи коњаници да дојаваат со факели и го запалат фестивалскиот оган.

Лудилото може да започне! Пламенот гори. Стампедо луѓе трчаат надолу на главниот стејџ! Фестивалџии врискаат, играат, жонглираат, ракоплескаат, се гушкаат. Енергија до небо! Astral Projection за старт на „Озора“, за потоа музичката програма да продолжи до попладнето, наредниот ден. Подиумот беше активен до 8 август, само со неколку паузи од по неколку часови. Настапуваа и македонските псајтранс артисти Kala, Atriohm и Tengri.

Покрај самиот стејџот буквално луѓе спијат, кампуваат 24/7. Од шатор – на нозе – на стејџ. Или до околната вртелешките на едно вртење. ДА, има вртелешки до стејџот! Повремено, околу стејџот поминуваат и камиони со пожарникари што прскаат со црева, разладуваат додека играте. Надреално! Од водата се прави кал, па потоа на калта се лизгаат голи луѓе.

Настрана од најголемиот подиум што е можеби колку фудбалско игралиште, „Озора“ е возбудлива поради целокупната масивна распространетост на објекти за уметност, заедништво, или култивирани локации излезени како од бајковит филм.

Во Fairy garden растат сончогледи, патлиџани, цвеќиња…. Разни повеќегодишни растенија ја потенцираат пермакултурната страна на „Озора“. Името на градината се однесува на лик од унгарската детска приказна „Седумглавата самовила“ за најгрдото момче на светот, кое во својот очај тргнува да го убие чудовиштето со седум глави што го маѓепсало и го направило толку грдо. Но, додека почнува да ги отсекува главите на суштеството, мирисот на крокус, нане, мајчина душица, јоргован и нарциси го исполнува воздухот, бликаат извори и потоци, златни плетенки се нишаат и исчезнуваат во дрвјата… Зимските ѕвона на санки влечени од коњ ѕвечкаат и умираат, потоа бијат ѕвона, многу нежни ѕвона. Потивко и потивко…

Овој бајковит амбиентум и храната што расте во Fairy garden е накако споен со Cooking Groove. Идејата е фестивалџиите заедно да припремаат храна, готват и се дружат. Сето тоа додека слушаат музика во импровизиран предел оплеменет со клупи, кујни и камини. Тргнувајќи од фактот дека јадењето е социјална компонента, Cooking Groove e токму тоа – заедничко готвење на масовна трпеза, која истовремено и е подиум! Можете исто така да учествувате во гастро-технолошки работилници кои покриваат различна тема секој ден во неделата. Да научите за древни или практични техники на подготовка, специјални јадења од главно вегетаријанска и веганска глобална кујна, како и методи за био-зачувување и складирање на храната.

Голем фестивал значи и големи редици за чекање. Независно дали за туширање, уринирање или хранење. Сеедно. Секаде ќе чекате ред, на сите објекти и штандови, особено преку ден додека сонцето „тепа“ по глава. Затоа е нужно носење капа или марама, а помага ако си понесете и цел „арсенал“ креми против УВ зрачење.

Ова ќе ви треба ако сте истражувач што сака да види се’. Пример, ако поминувате кај базарот со десетици тезги со облеки, накит и УВ психоделични ситнурии, или едноставно дремете на подиум кај Dragon Nest. „Змејското гнездо“ е резервирано главно за музика во живо, бендови со културна разновидност и цел универзум од т.н. музика од светот. Концептот остана ист од самиот почеток, но во поново време Dragon Nest нурка во океанот на електронската музика, со спој на акустични и дигитални звуци, па „музиката на иднината“ се’ повеќе и повеќе се движи во прв план. „Озора“ открива неверојатни уметници и тука настапуваа пустинските гитарски номади Tamikrest, Чилеанците Föllakzoid, аудиo-визуелното перуанско дуо Dengue Dengue Dengue,  фузијата Beats Antique, психоделичниот даб проект OTT…

Ако сакате малку сенка, да се тргнете од сонце и музика, може да пројдете во Chambok House. Веројатно најстарата зграда на фестивалското земјиште, куќата Чамбок е мистериозно место со историја која се протега назад повеќе од половина век. Прво место за слуги, потоа штала, куќата го добила името по нејзиниот последен жител, старец по име Чамбок. Кога сите други жители почнале да ја напуштаат населбата, тој бил единствениот кој одби да ја напушти и живеел таму сам, пред да биде избркан од режимот на власт. Историското минато на зградата е отелотворено во древна и на моменти страшна атмосфера, но сега во топ форма по реновирањето и служи како место за проекција на експериментални филмови, театарски актови или дискусии. Предавањата опфаќаат разни теми – практични или психоделични, научни или спиритуални.

Алтернативни начини за уметност и заедништво ни понуди и ArtiBarn. Стара штала адаптирана за арт-работилници и занаетчиство, каде слободно можете да седнете со рандом луѓе и да цртате, лепите, вајате, создавате-било-што и да научите за разни антички, органски или современи материјали. На крајот на фестивалот, сите овие креации беа изложени наоколу. Сведочеа за илјадници карактери и ликови од глобалната заедница, редовни или нови Озорци, кои како да се изолирале од Земјата и решиле да живеат 7-10 дена на фестивал што спојува, забавува и анимира. Заедно.

Дојде време да си одиме по дома. Повторно долг пат. Но, овој пат прво шетање низ Будимпешта. Пријателски настроен Унгарец ни понуди да спиеме кај него во куќа. Нова авантура и уште две ноќи во Будимпешта? Ќе издржиме ли после 10 денови интензивна музичка претстава и фестивалски провод? Секако! Ајде…

Бојан Шашевски