[Галерија] Кардула направи спој на Македониумот и „Војна на ѕвездите“: Крушево, Силата нека биде со тебе!

Уметникот, графички дизајнер и активист Зоран Кардула објави дизајни со споменикот Македониум во комбинација со „Војна на ѕвездите“.

„Крушево, Силата нека биде со тебе… Честит празник!“, пиша Кардула на Фејсбук.

Дизајнерот за Радио МОФ вели дека Македониумот му е непресушна инспирација, а сигурно и фактот дека е роден во Крушево допринесува за тоа.

„Тој е повеќе од архитектонско дело кое му пркоси на времето. Тој е симбол на едно време кога спомениците кои се граделе во Југославија имаа една естетика која од оваа преспректива и денешните состојби изгледа надреално“, вели Кардула.

Изгледот на тие споменици, дополнува тој, секогаш го потсеќаат како да се излезени од некој кадар на култната серија „Војна на ѕвездите“, иако се направени години пред да се појави филмот.

„Токму поради тоа направив една комбинација на овие споменици со сцени од овој култен филм и резултатот е одличен. Така произлезе и серијалот посветен на Македониумот како дел од Војна на ѕвездите. Одлично се вклопи во целата приказна, а и публиката воодушевена“, нагласува Кардула.

Потенцира дека последните години и во светот Македониум се вбројува во најзначајните достигнувања на Брутализмот и станува се поатрактивен, а покрај него и Крушево претпознатлив.

„Па во таа насока и мој мал допринос во популаризација на Крушево и нормално на Македониумот како сведоштво на сјајот на архитектурата во овие простори“, констатира Кардула.

Б.Ш.