[Галерија] Еко-перформанс за заштита на трската и Охридското езеро

Активисти викендов во Охрид прогласија Ден на трската. Нагласија дека трските се езерски шуми и мора да бидат заштитени од налетите на урбаната мафија.

„Појасот трска, битен за езерото, од страна на човекот, постојано пален, сечен, уништуван. Со децении, постојано пркоси, се регенерира, се враќа. Неговата функција е голема, значајна. Трските не се само украс, тие имаат конкретна улога. Само со информирање, со едукација, што значи трската и чиј дом е, можеме навистина да ја запознаеме, да ја почитуваме и да ја заштитиме. Да не дозволиме да се уништи природната рамнотежа, чија долгорочна последица би била и уништување на Охридското Езеро. Трскава е врската!“, соопштија од Охрид SOS.

Еко-хепенингот „Cirque D’Ohrid“во центарот на Охрид значеше и одржување на креативен перформанс во кој неколку циркови артисти и статисти со соодветна кореографија заедно ја раскажаа приказната на трската.

„Извонредниот Марко Новески во улога на раскажувач ја водеше публиката низ перформансот додека на видеобимот се прикажуваше соодветна и селектирана 15-минутна програма. Имавме наградна игра за најмалите кои го научија значењето на трската и за тоа си добија награда. За значењето на трската и состојбата на природата во регионот зборуваше проф. Трајче Талевски, а Илина Арсова од Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ ги повика сите да се вклучат во заштитата на природата бидејќи тоа е наша должност како жители на оваа земја. Перформансот заврши со краток еко-филм“, соопштуваат од иницијативата Охрид ЅОЅ, кои објавија и фотографии од настанот.

Целта на овој настан беше да се влијае на еколошката свест, особено кај младите, но и сите да се потсетат на исклучителните природни вредности на Охридското Езеро.

„Перформансот беше воедно и најава за почетокот на новата сезона за Охрид. Туристичката сезона во регион со исклучителни и светски признати природни вредности не смее да трае еден месец! На регионот му е неопходен целогодишен еко-туризам! Неопходни му се помалку туристи кои се спремни да платат повеќе! Регионот е целосно несоодветен за евтин масовен туризам и затоа таквите пакети мора што побрзо да се исклучат од понудата!“, велат од Охрид ЅОЅ.

Специјално за настанот беа изработени маици со еко-пораки, како и картички од садлива хартија. Маиците се разменуваат за донација – средства кои целосно ќе се искористат за активностите на Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ.

Настанот беше инициран од Граѓанската иницијатива Охрид ЅОЅ, ЗУМД ТАКТ и Здружение за заштита на животните и животната средина ЕДЕН, поддржани преку програмата Цивика мобилитас, Фондацијата Хајнрих Бел и Global Greengrants Fund.