Франција размислува за воведување зборови во женски род за сите професии

Француската академија, која одлучува за воведување на нови зборови во францускиот јазик и е одговорна за составување на францускиот речник, вчера соопшти дека наскоро може да воведат нови зборови со кои ќе ги покријат алтернативите за сите професии во женски род.

Нивното објаснување е дека ова го прават за „намалување на јазот“ со професиите во машки род.

Мнозинството работни позиции вообичаено се во машки род, со исклучок на титулите за медицинска сестра (infermiere) или дадилка (nourrice) влошувајќи ги старите стереотипи за жените кои работат.

Академијата, традиционално, тешко се одлучува на големи промени во францускиот јазик, но по ова прашање размислува за драстичен чекор според извештајот кој го објавија нејзините членови.

„Во принцип, не постои пречка за феминизирање на имињата на услуги и професии. Академијата смета дека сите измени во јазикот насочени кон признавање на позицијата која денеска ја имаат жените во општеството треба да бидат земени во предвид“, соопштиле од Академијата.

Во поголемиот број случаи, формите во женски род треба само да добијат „е“ на крајот на алтернативите во машки род.

На пример „maire“ (француски за градоначалник), може да биде „mairesse“ во женски род. Или пак „sapeur-pompier“ (пожарникар) може да стане „sapeuse-pompière“ во женски род.

Во текот на март треба да се гласа по овој предлог, додека критичарите подолго време водат кампања за реформа на францускиот јазик од неговата структура која е претежно во машки род.

Францускиот премиер Едуард Филип, претходно, изрази јавна поддршка за инклузивни јазични форми во женски род.

Во 2015 година, францускиот врховен совет за родова еднаквост издаде правилник со кој се задолжуваат јавните институции да користат женски род за професиите како „пожарникар“ и „автор“, на сите места каде тоа може да се примени.