Фотографии кои ги отсликуваат личните приказни на жртви на сексуално насилство

Фотографката и студентка Јана Мазуркевиќ објави серија фотографии на тема сексуална злоупотреба насловена „Се случува“. Девет вознемирувачки фотографии, покажуваат мажи и жени кои се сексуално злоупотребени. Фотографиите се револт против неодамнешното ослободување на Брок Тарнер, поранешен пливач на елитниот американски универзитет Стенфорд, кој беше осуден за  кривично дело напад со намера за силување на шест месеци затвор, а од кои тој само три ги отслужи.

Мазуркевиќ, која вели дека била сексуално нападната од познаник пред неколку години, сака фотографиите да покажат како изгледа сексуалното насилство.

Со секоја фотографија има и анонимни изјави собрани од жртви преку платформата Current Solutions, која има цел да ја подигне јавната свест за родовата нееднаквост и која оригинално го објави „Се случува“. Луѓето кои учествуваат во фотографиите не се жртвите.

Мазуркевиќ го започнала овој проект минатата година, но вели дека минималната казна за Тарнер и неговото предвремено пуштање од затвор ја поттикнало да го заврши проектот брзо со нов фокус.

Фотографиите покажуваат како сексуалниот напад може да се случи секому, во секое време и насекаде.

„Фотографиите зборуваат сами за себе, но исто така знаев дека сакам да споделам лични приказни и да покажам разноликост, бидејќи постојат многу искуства“, вели Мазуркевиќ.

„Оние кои никогаш не искусиле сексуален напад можеби не можат да се соживеат со сликите, а оние кои се соживуваат, веројатно познаваат луѓе кои поминале низ тоа“, додава таа.