[Фото + видео] Дедомразовци од „Акватек“ го чистеа Охридското езеро

Облечени како Дедо Мраз, нуркачи од клубот „Акватек“, на креативен и несекојдневен начин, викендов спроведоа подводна еко-акција во Охридското езеро.

Дедомразовците-нуркачи од езерото извадија гуми од автомобили и камиони, лименки од пијалоци и пластични шишиња, кои ги лоцираа при нивните предходни рутински нуркања.

„Целта на оваа еко-акција е да ги заокружиме нашите подводни активности за годинава што изминува. Дополнително, сакаме да упатиме порака до сите наши сограѓани за подигнување на еколошката свест, бидејќи заслужуваме чисто езеро, не само за нас, туку и за идните генерации“, вели Никола Паскали од „Акватек“.

Изминатава година „Акватек“ имаше неколку акции, при што извлекоа габаритет шут и смет, но и разни предмети за домаќинство, за кој рекоа го загадува, но и му штети на подводниот свет.

„Охридското Езеро и останатите езера и реки се нашето богатство. Затоа ги покануваме сите нуркачи да се вклучат во нашите еко-акции за зачувување на водите и животната околина“, порача Даниел Атанасовски од „Акватек“.

Тој додаде дека и следната 2020 година, клубот ќе продолжи со ваквите подвизи не само во Охридското Езеро, туку и на останатите локации низ државата.