[Фото] Ветерот, а не мерките на Владата, ги избркаа ПМ честичките од Скопје

Екологистите заслугите за намалениот број на денови со енормно аерозагадување во Скопје во 2019 година го припишаа на ветерот, а не на мерките на Владата и на зголемената еколошка свест на граѓаните.

„Деновите на помало присуство на ПМ честички во Скопје можат да се поврзат со зголемено присуство на ветерот во скопската котлина“, вели еко-активистот и создавач на страницата „Мој воздух“, Горјан Јовановски, пренесува Мета.

Тој изработи графикон во кој ги вкрсти вредностите на ПМ 10 честичките (со црвено) со брзината на ветерот (со сино) за реонот на Ново Лисиче во периодот од 23 декември со 6 јануари. Од графиконот е видливо дека вредностите на ПМ честичките во Ново Лисиче драстично „скокнуваат“ секогаш кога ветерот стивнува, и обратно.

„Скопје е опкружено со планини, каде што температурната инверзија во зима формира еден капак над котлината и само силен ветар или дожд може да го протера загадувањето во тие периоди. Поради тоа, сакав да проверам и докажам дека екстерни фактори влијаат многу повеќе на намалување на загадувањето, нешто што треба да се земе в предвид од страна на анализи и статистики што се презентираат од страна на државните инситуции“, вели Јовановски.

ПМ10 на 4 јануари 2019 во Ново Лисиче

На фактот дека ветерот како метеоролошки феномен силно влијае на состојбата со аерозагадувањето во Скопје токму поради неговата специфична местоположба во котлина и дека овој фактор мора да се земе превид кога се прават анализи на проблемот со загадувањето, укажуваат и од О2 Иницијативата. Тие во повеќе наврати јавно ги повикуваа надлежните од Министерството за животна средина да не го занемаруваат факторот ветер како атмосферски феномен.

„Неколку пати потенциравме дека кога се прикажуваат податоци и статистики за намален број денови со загадување над границите за алармирање, да се вклучат и дополнителни параметри како што е ветерот. Изминатиот период „имаме среќа“ да имаме денови со засилен ветер кој ни овозможува да дишеме почист воздух“, се вели во реакцијата на О2 на нивната Фејсбук- страна.

Графиконот на Јовановски ги регистрираа измерените вредности на ПМ честичките и на ветерот во Ново Лисиче, кое важи за една од најзагадените населби во скопската котлина, почнувајќи од 23 декември, само ден откако Макрадули на прес конференција во Владата излезе со став дека во 2019 година има значително помало загадување во Скопје во споредба со претходните години. Графиконот го регистрираше и моментот кога, како резултат на стишувањето на ветерот вечерта на 4 јануари вредностите на ПМ 10 скокнаа до енормни 963 микрограми на кубен метар.

„Факт е дека оваа година има значително намалување на бројот на денови со надминати среднодневни концентрации на РМ10, рече тогаш заменик-министерот за животна средина, додавајќи дека „ некои ќе се повикаат на времето, климатските промени, но факт е дека намалувањето е и резултат на заедничка акција на сите“. Според Макрадули, заслуга за помалиот број на денови на аерозагадување ја имале спроведените мерки од Планот за чист воздух и „зголемената свест кај граѓаните, која е на највисоко ниво до сега и е дополнителен поттик за оваа влада“.