[Фото] Треска: Скопскиот бисер што чека повторно да се открие

Рекреативното езеро Треска близу скопското село Сарај пропаѓа со децении. Монтажните градби се распаднати, бетонските плочи испукани, а наоколу има расфрлан смет и изгорени површини од логорски оган. Во еден од разрушените објекти се чува слама за добиток, а низ комплексот пасат крави, пишува  Самопрашај.мк во рубриката посветена на екосистемите.

Езерото е забрането за капење веќе 20 години поради лошиот бактериолошки квалитет на водата и зголеменото присуство на алги. Со комплексот управува Општината Сарај. Паркинг службата наплаќа 50 денари за влез, а едно кафуле нуди ладни пијалоци. Меѓутоа, нема информации колку луѓе го користат автокампот.

Токму заради малиот број посетители, единствената зачувана убавина е дендропаркот составен од голем број дрвја и грмушки. Ова е едно од ретките места во Македонија каде има ваков хортикултурен диверзитет. Езерото Треска се протега на површина од 136.000 м2, длабоко е од 1,6 до 3 метри и има капацитет од 10.000 капачи. Спортско-рекреативниот комплекс бил изграден во 1978 година со самопридонес на жителите на Скопје.

Неколку децении Треска функционирало како главно излетничко место за скопјани, особено во летните месеци. Околу брегот на езерото се наоѓале бунгалови, кафетерии, ресторани, базени, гардероби и тоалети, а работел и мал камп за приколки и трејлери.