Во драматична атмосфера мнозинството пратеници го избраа Талат Џафери за претседaвач на Собранието, а поддржувачи на иницијативата „За заедничка Македонија“, откако протестираа пред Собранието, дел од нив се упатија кон влезот и потоа успееја да влезат во законодавниот дом.
Демонстрантите со знамиња и црвено-жолти марами извикуваат „Избори“ и „Македонија“. Се пее и химната.
Според репортерот на Радио МОФ на терен, во Собранието има многу малку полиција и припадници на Единицата за брзо распоредување. Сепак, демонстрантите ги има во голем број. Истовремено повеќе луѓе се распоредени и на улицата пред Парламентот и во „Жена парк“.
Ваквиот упад во Собранието дојде откако на протестот беше нагласено дека „некој се обидува да направи државен удар во Собранието“.
Претходно, Џафери беше избран за спикер од мнозинството со 62 гласа „За“. На изборот претходеше тензична состојба откако речиси сите пратеници останаа во салата и покрај тоа што претседавачот Трајко Вељановски го прекина продолжението на конститутивната седница. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со извици „предавници“ и „ова е пуч“ и пеење на химната се обидоа да го спречат изборот.