Почетокот на новата 2026 година симболично означува и почеток на нашата нова рубрика „Старо-Нова Македонија“.
Во пресрет на триесет и пет годишнината од независноста, би сакале да се осврнеме на најважните моменти од нашата како понова така и постара историја и тоа низ призмата на првиот македонски дневен весник ,,Нова Македонија” кој датира уште од времето на Втората светска војна.
Во таа насока, започнуваме со објавување на исечоци од изданијата на весникот како од периодот пред, така и од периодот по независноста, со што би сакале да дадеме одредена слика за општествениот, политички и културен развој на македонската држава.
Првиот број на весникот се издава токму на 29.10.1944 год во селото Горно Врановци во моменти додека борбите за ослободување уште траеле, што секако дека го отсликува и поривот да се пишува на македонски јазик!
Самиот факт дека е создаден со одлука на Президиумот на АСНОМ во септември 1944 година, доволно говори и за важноста на весникот и за неговата улога во процесот на афирмација на македонската држава.
Во понатамошниот период прераснува во гласило и бележник на сите важни настани со кои се соочувала Македонија и светот, а поради деценискиот континуитет и поради важните историски одлуки на кои сведочел, весникот се смета за општествена архива на македонскиот народ.
Упатуваме благодарност до редакцијата на ,,Нова Македонија” за поддршката и за пријателскиот однос.




