[Фото] Протестен марш против изградба на хидроцентрали во тетовско Лешница

Планинари од Тетово и Скопје три часа се искачуваа до долината на Лешница, упатувајќи јасна порака до властите дека се против изградба на хидроцентрали на Шара. Организатори беа активистите на иницијативата „Да ја спасиме Попова Шапка“ со помош на планинарското друштво „Пиктрик“.

Од иницијативата велат дека сечењето на дрвјата и отворањето на новите траси нема да донесе ништо добро.

„Денес овие луѓе со добра волја побараа да запрат градбите кои ја убиваат оваа убавина. Овие луѓе не ги интересира политика, немаат личен интерес, но имаат висока социјална свест“, стои во објавата на „Да ја спасиме Попова Шапка“.

Деновиве иницијативата алармираше на масовна сеча на дрва на Шара. Од Национални шуми, пак, сечата и отворањето широки патишта во висорамнините го правдаат со планот за работа за периодот 2019-2028 година.

Фото: „Да ја спасиме Попова Шапка“