[Фото] Протест во Скопје поради насилството врз животните

Претставници на здруженијата за заштита и љубители на животните денеска напладне се собраа на Плоштадот Македонија за да го искажат својот револт поради изживувањето врз бездомните животни.

„Од убиството на животни, до убиство на луѓе има само еден чекор“, „Правда за животните!“, „Убивате бездомни кучиња, да смеете ќе убивате и луѓе“, се дел од натписите на транспарентите кои ги носат демонстрантите со себе, голем дел од нив во придружба со своите домашни миленици.

Од Плоштадот Македонија, протестот ќе продолжи пред Градското собрание.

Протестот кој е најавен под името „Градот хуман пак ќе никне!“, како што појаснуваат од Анима мунди, се организира поради засиленото и масовно заловување на веќе стерилизирани, вакцинирани и обележани животни, кои потоа се убиваат во стационарот Вардариште.

„Ве повикуваме и охрабруваме да се придружите на овој протест, да бидеме глас за оние кои немаат глас и да ја извршиме нашата човечка и граѓанска обврска, да се исправиме пред и да се бориме со неправдата. Да покажеме дека правдата не ја бараме селективно. Да кажеме СТОП на убиството на бездомни животни“, велат од Анима мунди.