Серијалот на италијански фотограф за гладта во Индија предизвика силни реакции на интернет, а многумина ги нарекоа неговите сликите „порнографија на сиромаштијата”.
Алесио Мамо става сиромашни Индијци пред маса со „лажна храна” на неа и ги тера да си ги покријат очите. Сликите се правени во двете најсиромашни држави во Индија, а се дел од серијалот насловен „Сонувајќи храна“ од 2011 година. Сепак станаа вирални откако се појавија на Инстаграм профилот на „World Press Photo Foundation“.
За својот фото-серијал, Мамо напиша дека „им кажувал на луѓето да сонуваат за храната што би сакале да ја најдат на нивната маса“, а својата работа ја опишува како „концептуален проект за гладта во Индија“.
Сликите беа објавени на „World Press Photo Foundation“ од страна на италијанскиот фотограф, кој доби пристап до нејзиниот Инстаграм профил. Фондацијата редовно дозволува одреден период разни фотографи да поставуваат слики на нивниот профил. За ББЦ нема потврда дали фотографиите споделени од Мамо претходно се одобрени од фондацијата.
Многу луѓе на социјалните медиуми реагираа за неетичност во работата на фотографот. За да го заузда бесот, Фондацијата соопшти дека фотографите се “одговорни за изборот на нивната работа”, како и дека тие само добиваат група на “упатства” што треба да ги следат.
Сиромаштијата и гладот се огромни проблеми во Индија, каде што има најголем број на прегладнети деца во светот. Индија редовно е меѓу најлошо рангираните земји според Индексот на глобален глад – минатата година, таа беше рангирана на 100-то место од 119 земји.