[Фото] Мала просторна интервенција во дворот на студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола

Студенти по архитектура го обновија просторот во студентскиот дом „Кочо Рацин“ во Битола, каде отсега студентите ќе можат да го поминуваат своето слободно време.

Станува збор за просторна интервенција поставена од Младинскиот образовен форум во соработка со Здружението за развој на урбана култура и актуелизација на простор МЕЛЕЕМ во склоп на проектот „Ангажирани студенти за студентски домови без корупција во Северна Македонија“ поддржан од Фондацијата Отворено општество.

Идејата за оваа мала просторна интервенција е да го збогатува и оплеменува просторот во кој ќе престојуваат студентите и да создава дополнителен простор во кој студентите, на отворено ќе можат да го поминуваат своето време. Таа е производ од работилница која се одржа во февруари, а во која учествуваа студенти по архитектура од целата држава.

Како изгледал просторот порано

„Задоволството е огромно заради фактот што успеавме да го разбудиме потенцијалот и да ја поттикнеме креативната мисла кај студентите по архитектура и во еден интензивен работен процес во форма на три дневна работилница да создадеме просторен елемент во своја елементарна функција на клупа, но истовремено и елемент кој овозможува повеќе. Дел од неговите функции се планирани и предодредени од положбата на корисниците, дел се создадени во релација со природниот контекст кој поседува исклучителни квалитети, но дел се оставени и на слободна интерпретација на студентите. На тој начин, овој елемент ќе ја постигне својата цел единствено доколку побуди нови перцепции кај неговите идни корисници.“ – вели Павел Вељаноски, ментор на акцијата.

Инаку, освен менторот на акцијата, Павел Вељаноски, тимот од студенти кој работеше на идејата беше составен од: Рима Трајчева, Елена Босилкова, Анастасија Ристеска, Арсовски Кристијан, Али Алмала и Тамара Џерков.

Благодарност до МОФ и МЕЛЕЕМ изрази и Соња Карапец, директорка на студентскиот дом „Кочо Рацин“ – Битола. Таа се надева дека ова е само почеток на идна плодна соработка со цел да го подобрат студентскиот стандард на студентите во домовите..

Оваа мала просторна интервенција е втората од низата просторни интервенции во државните студентските домови „Пелагонија“ – Скопје, „Кочо Рацин“ – Битола и „Браќа Миладиновци“ – Штип.  Во текот на месец октомври ќе се реализира уште една, oдносно последната просторна интервенција во студентскиот дом  „Браќа Миладиновци“.

Проектот „Ангажирни студенти за студентски домови без корупција во Северна Македонија“ се спроведува од ноември 2019 до декември 2020. Примарната цел на проектот е поттикнување на институциите на потранспарентно и поодговорно управување со студентските домови, како и вклучување на други институции, организации и правни лица за подобрување на условите во домовите.