Сафари низ депонијата Дрисла, прошетка низ многубројните споменици во центарот, како и набљудување на кулите од отпад во Шутка, се дел од туристичките атракции кои главниот град Скопје ќе им ги нуди на туристите за 30 години. Ова го предвидуваат група студенти и предавачи од колеџот „Сеинт Мартинс“ при Универзитетот за уметност во Лондон.
Низ сатира, уметничкиот проект го прикажува Скопје низ дистописка призма, критикувајќи ја недоволната ангажираност на властите за решавање на проблемот со загадувањето.
Па така, имагинарната туристичка компанија „Discovering DySkopje“ создадена во 2044 година, од она што останало во Скопје, нуди аранжамани во градот кој како што се напоменува – самиот се задушил.
Искуството вклучува сафари низ депонијата Дрисла каде може да се набљудуваат најразлични видови кучиња, центарот на градот со своите споменици, модерната урбана населба на Милениумскиот крст и Водно, Кулите од ѓубре во Шутка и Старата чаршија.
„Нашите тури нудат незаборавно патување во градот Скопје, поранешниот главен град на Македонија, земја која престана да постои поради екстремното загадување на воздухот. Во 2024 година, загадувањето во Скопје се излеа од контрола, што доведе до несреќна смрт на стотици илјади нејзини граѓани. Како резултат на тоа, ЕУ и САД спроведоа итна евакуација“ се вели во описот на имагинарната туристичка агенција.
Целиот проект на студентите и професорите од Лондон е достапен на следниот ЛИНК.