[Фото] И скопската Пошта се „облекува“ во барок?

Според фотографиите кои на Фејсбук ги објави страницата „Skopje brutalist architecture“, на зградата на главната пошта во Скопје се изведуваат градежни работи, кои навестуваат дека Поштата ќе биде уште една зграда во центарот на Скопје која ќе биде „облечена“ во барок.

[Фото] И скопската Пошта се „облекува“ во барок?

Досега во јавноста немаше информација за барокна фасада на Поштата, која е една од најпрепознатливите згради во бруталистички стил во Скопје, дело на архитектот Јанко Константинов, кој за неа ја има добиено државната награда „11 октомври“ во 1975 година.

Како што извести порталот Build.mk, Македонски пошти во јуни преку тендер барале изведувач на градежни работи во ентериерот на Поштата, која во јануари 2013 година претрпе голема штета во пожар. Ниту тогаш, ниту сега, немаше никаква информација дека Поштата ќе добие нова фасада во барокен стил.

Во меѓувреме, Македонски пошти се огласија со соопштение, во кое се демантира дека Поштата ќе добие барокен лик:

„Објавените фотографии не се на Главната пошта или Дирекцијата на Македонска пошта. Она што е точно е дека во месец јуни е објавен тендер за изведувач на градежни работи на куполата во опожарениот дел на Главната шалтер сала на Дирекцијата на Македонска пошта“, се вели во демантот од Македонска пошта.