[Фото] Граѓани оставија обувки пред Влада, ја потсетија на проблемот со иселувањето

Голем број граѓани денеска оставија обувки пред Влада, со цел да ја потсетат на проблемот со иселувањето. Обувките ги симболизираат нивните блиски роднини, сакани и пријатели кои си заминале од земјата од сиромаштија, невработеност, или од некоја друга причина, поради која не можат да се вратат.

„Нека не избројат колку сме. Сите ние овде имаме повеќе од четворица отидени. Ни отидоа децата“, изјави една од присутните пред Влада, која во моментот оставаше чевли што останале од нејзините внуци.

Врнежливото време не ги спречи граѓаните да го искажат својот револт од поразителните статистики, кои покажуваат дека државата досега ја напуштиле 600 000 граѓани. Од граѓанската иницијатива „Заслужуваме подобро“, кои беа организатори на овој настан, велат дека оваа состојба се должи на недостигот од конкретни мерки.

„Причината поради којашто сме токму овде пред Владата, е тоа што сме свесни дека оваа огромна бројка на иселени луѓе e е резултат на сиромаштијата и невработеноста. И токму затоа се собираме тука да ги повикаме надлежните, да обратат внимание на овој проблем и да преземат конкретни мерки за спречување на овој ткн. современ егзодус“, изјави Инес Ефремова од граѓанската иницијатива „Заслужуваме подобро“.

Македонската Влада се уште нема официјални статистики за тоа колку луѓе се иселиле. Со цел да укажат на огромниот број иселени, Ефремова појасни дека се служеле со податоците од Светска банка.

Активистот Никола Писарев, пак, ја спореди бројката од 600 000 иселени, со бројот на жители во Скопје, во 90-тите години.

„Замислете 20 години подоцна, Скопје е избришано од мапата на планетата Земја, 600 000 луѓе се избришани. Какви последици тоа и донесе на Македонија? Од една страна, многу луѓе од Скопје отидоа, а многу дојдоа, се испразни внатрешноста на Македонија. Практично стануваме држава на тажни пензионери и некои луѓе на 40-50 години чиишто блиски се отидени надвор. Ова е страшно за иднината на една земја, затоа што многу образовани луѓе отидоа, луѓе коишто беа во најдобрите години, кога можеа најмногу да придонесат за ова општество“, забележува Писарев.

Обувките кои се во употреблива состојба ќе бидат подарени во хуманитарни цели. Останатите, кои не се за употреба, ќе станат дел од уметничко дело на група автори посветено на иселувањето.