[Фото] Елка накитена со ѓубре на плоштад „Македонија“ – герила акција на Fridays for Future

Активисти на локалниот огранок на Fridays For Future накитија елка со ѓубре на плоштадот „Македонија“ во Скопје. Ваквата реакција, велат тие, е протест поради тоа што градот има потрошено многу пари на новогодишни декорации, а истовремено граѓаните дишат загаден воздух.

„Новогодишни украси по нашите податоци се потрошени 15 милиони денари, а од друга страна, годишно има 3.500 жртви заради загадениот воздух. Нас тоа не ни е фер и е многу поразително! Протестираме против ваквиот однос и потенцираме дека можат да се најдат бесплатни украси, па китиме елка со лампиони на кои што пишува ПМ10, со пластични шишиња, со ѓубре, со шишиња од млеко, од јогурт за да го покажеме нашиот револт кон трошењето пари на доста непотребни работи, кога од друга страна можат да бидат потрошени на нешто што буквално ќе го зачува нашето здравје, што ќе ни даде живот“, вели Јана Наскова од Fridays for future.

Според движењето „вистинската елка е онаа малата, која не ја гледаме, но тивко не’ убива со нејзините отровни лампиони“.

Минувачите на централниот скопски плоштад, можат да забележат лампиони и натписи со „Иловица“, „Дрисла“, „Урбанистичка мафија“, „ОХИС“…

Покрај герила акцијата, активистите со флаери ги запознаваа минувачите со протестниот марш кој е закажан за следниот петок, на 20 декември од 17 часот со почеток од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).

„Имаше различни реакции, некои им е интересна идејата, други велат ‘извинете брзам’. Има и доста позитивни реакции, луѓе што ветуват дека ќе дојдат, дека не се само празни зборови… Еден постар човек, исто така, реши да ни се придружи на Fridays for future, што е навистина супер“, рече Наскова.

Инаку, на маршот на #ЗеленФронт на 20 декември од МЖСПП до Влада се приклучија над 35 различни организации, иницијативи и движења.

„Мутираме, пренесуваме на поколенијата болести поради сеопфатната загаденост во која живееме, во која се раѓаат нашите деца. Белите дробови ни се зацрнети, иако не сме сите пушачи. Живееме во време на еколошка катастрофа. Се бориме за својот живот низ цела држава, против каменоломите над нашите глави чија прашина нè гуши, постојаните експлозии ни ги ронат домовите, против рудниците чии вековни отрови ќе останат да стојат над нашите земјоделски полиња, домови, против малите хидроцентрали кои ни ги земаат нашите реки кои пресушуваат за нас, против уништувањето на единственото светско природно и културно наследство кое го имаме, едно од 39-те во цел свет, против изумирање на езерата, против уништување на шумите, против депониите на секој чекор, против отровните чадови кои постојано се шират од нив, против канцерогениот дим од запалените кабли и гуми…“, стои во најавата за протестот.

Претходно, на 29 ноември, илјадници луѓе излегоа на Марш за чист воздух, организиран од околу 30-тина други еколошки организации обединети како #ЗеленаРеволуција и #ЗеленФронт. Заедно дадоа предупредување и временски рок за исполнување на барања.

 

М.К. – Б.Ш.