[Фото] Акција во Штип: Биди супер-херој, почитувај ги мерките за заштита

Групата „Штип арт активисти“ спроведоа нова акција во Штип, поставувајќи супер-херои низ градот со порака „Биди супер-херој, почитувај ги мерките за заштита!“.

Активистите се надеваат оваа порака ќе стигне до сограѓаните и ќе успеат што поскоро, со заеднички сили, сите да излезат од оваа здравствена криза, па притоа потсетуваат на сите работници и нивната пожртвувана работа.

„Во време на активна и секојдневна борба со КОВИД-19, нашите вистински супер-херои и супер-хероини се всушност околу нас – здравствените работници, вработените во маркети, текстилните работници, полицијата, војската, пожарникарите. Сите оние кои се на своето работно место секојдневно, за ние да можеме да останеме дома и на тој начин да се заштитиме и себеси и нашите семејства“, соопштуваат активистите.

Потенцираат дека макотрпната работа на овие работници во ова време – невреме, заслужува максимална поддршка од сите граѓани, на секој можен начин кој ќе им помогне и ќе им ја олесни работата.

„Затоа, ние како локални активисти ја направивме оваа акција со која укажуваме да се почитуваат препораките и мерките кои се донесени од страна на Министерството за здравство. Акцијата се однесува на мерките како што е растојанието кое треба да го одржуваме, правото на користење на годишен одмор и мерките кои треба да ги преземат работодавачите и превозниците за спречување на ширење на COVID-19“, велат „Штип арт активистите“.

Во оваа, како и во претходните нивни акции, тие ги искористја хероите на Марвел, познатите Хулк, Тор и Капетан Америка. Пред сè, велат активистите, сакале на недвосмислен и јасен визуелен начин да ги споредат сограѓаните со холивудските супер-херои, и на тој начин да ги охрабрат да ги почитуваат мерките.

„Изразуваме благодарност и до здружението ‘Гласен Текстилец’, кое работи на унапредување на правата на текстилните работници/чки, што ни овозможи да ја вклучиме и нивната хероина Супер Текстилка во акцијата, за да укажеме на правата на вработените во големите хали. Текстилните работници/чки од нашиот град се оние кои во моментов ги изработуваат маските кои служат за превентива на сите граѓани, а со нашата акција потсетуваме дека во овој период, тие се оние на кои им е најпотребна дополнителна заштита и превентивни мерки“, соопштуваат „Штип арт активисти“, објавувајќи и хаштази #ЗаштитиСе #СедиДома #ЗаштитиГиРаботничките #ИработничкитеСеСуперхероини #ПочитувајГиМерките #БидиОдговоренПревозник