Формалното образование паѓа на испитот за меѓуетничката интеграција

Колку проектите за меѓуетнички интеграции во школите ги даваат очекуваните резултати? Дали воннаставните активности се единствениот `ветар во грб` за меѓуетничката интеграција? Колку учебниците го засилуваат национализмот кај младите? Поттикнати од последното истражување, насловено „Националистички чувства и ставови кај средношколците во Република Северна Македонија“ на тројца млади истражувачи, пренесуваме повеќе мислења на оваа тема.

Жана Живадиновиќ е професорка во средно училиште. Таа уште од 2013 година е вклучена во Проект за меѓуетничка интеграција. Вели дека резултатите од самиот проект, се како и самиот наслов на проектот – стерилни.

„Најголем проблем е што се чини дека постојат исклучиво за задоволување на формата, а не и на суштината. Успешноста на проектот за меѓуетничка интеграција на младите во образованието се темели исклучиво на ентузијазмот, свеста и совеста на индивидуални наставници, што не води до градење на соодветен систем. Зошто е тоа така?“, прашува Живадиновиќ.

Таа вели дека се префрлаат огромни финансиски средства од страна на донаторите за реализација на овој значаен проект, а истиот досега се базира генерално на воннаставни активности кои би овозможиле интеракција на различни етнички групи.

„Тоа подразбира дека наставникот кој е вклучен во процесот на интеграција, покрај силните обуки на кои задолжително присуствува, должен е да ги спроведува воннаставните активности надвор од своето работно време, а за истото добива 0 денари надокнада. Оттука, формалностите и задоволување на административните побарувања се неминовност. Сѐ додека наставниците соодветно не бидат наградени за својот вложен труд, резултат нема да има“, додава Живадиновиќ.

Дипломираниот професор по Филозофија кој моментално е асистент истражувач во Институтот за општествени и хуманистички науки, Мариглен Демири, објаснува дека интеграцијата е посложен процес и зависи од тоа на кој дел од државата и етничката структура во неа се однесува.

„Моето искуство е поврзано со дел од етничките македонски средни учлишта, таму многу е мал бројот на етнички Албанци и често тие кои се дел од тие училишта се веќе интегрирани во културните начини на општење. Таму климата често се развива на интерперсонално ниво, што вклучува индивидуални сегменти и мотиви во овие односи. Често колективните идентитети носат многу опструирачки односи, преполни со стереотипи и со императиви кои ги надминуваат индивидуалните искуства. Така што Македонците и Албанците, како Македонци и Албанци многу често имаат проблем да се интегрираат“, вели Демири.

Вели дека обземеноста со дневно-политичка содржина ги отуѓува луѓето од искуства со други луѓе поради стената што ја носат над глава на императивот на Македонецот и Албанецот.

„Веројатно интеграцијата треба да се случува од пониските паралелки и поголем обем на воншколски активности,“ вели Демири.

Живадиновиќ смета дека начинот на кој се однесуваат младите е само рефлексија на целокупното општествено живеење и условите кое тоа ги наложува.

„Младите го рефлектираат она што го гледаат дома, на улица, на телевизија, на интернет. Препуштени се сами на себе со оглед дека образованието потфрла, особено изминатите 10 години да продуцира квалитет и овозможи вештини применливи за современо, етичко и солидарно општество “, заклучува Живадиновиќ.

Во анализата на неодамнешното истражување „Националистички чувства и ставови кај средношколците во Република Северна Македонија“ на Исаја Карадаковска, Мартина Георгиевска и Емилија Божиновска, се вели дека во македонскиот образовен систем постојат сериозни недостатоци при воведот на интегрираното образование, за што голема улога игра и политиката.

Фото: Исаја Карадаковска

Авторките на истражувањето велат дека оваа тема ја избрале поради фрустрацијата во секојдневието, за како што велат, „некако се навикнавме на фактот дека национализмот е присутен кај постарите генерации и научивме да живееме со тоа, како што научивме да живееме со се` друго.“

„Она со кое не бевме помирени е идејата дека таквите ставови потенцијално се пренесуваат и врз помладите генерации, па оттаму одлучивме да видиме колку е тоа така“, изјави Исаја Карадаковска, една од авторките, за Радио МОФ.

Таа смета дека средношколците се ослободени од товарот на се` она што поминало, па оттаму мисли дека тие се во позиција да го променат наративот на омраза и шовинизам создаден од претходните генерации, за кои смета дека со години наназад се пренесуваат преку формалното образование.

„Учебниците со историја се полни не само со експлицитни национализми, туку и со одредени двосмислености и нејаснотии, кои секако дека прават конфузија кај помладите“, додава Карадаковска.

Објаснува дека истражувањето го започнале врз основа на наоди од некои претходни истражувања и анализи, според кои е забележан колективен страв не само кон соседните држави, туку и помеѓу етничките заедници кои живеат на територијата на државава.

„Таквите стравови, кај етничките Македонци, главно се во врска со територијални претензии или ‘станување малцинство во сопствената држава’, додека пак кај етничките Албанци постои страв од ‘бидување граѓани од втор ред’“, нагласува Карадаковска.

Во истражувањето се вели дека негативните слики за `другиот` во учебниците се зацврстувале со текот на времето, а особено се изразени во изданијата од 90-тите години на минатиот век. Во нивното истражување наведуваат дека најчесто Албанците во овие учебници најчесто се опишуваат со негативни епитети како `племе`, `окупатори`, `планинци` и `криминални банди`, а Турците не се споменати ниту во една лекција како дел од заедничкиот живот низ историјата.

Според Петар Тодоров, историчар и ментор на истражувањето, учебниците во Македонија и во регионот имаат етноцентричен пристап во проучувањето на минатото.

„Тие се доста селективни во проучувањето на минатото и се фокусирани само на историјата на сопствениот народ, сопствениот етникум. Со што не градат воопшто познавање за историјата на сите народи. Во случајот на македонските учебници кои се сега во употреба тие имаат еден друг проблем, тие паралелно во нив се создаваат два етноцентрични наративи, албански и македонски и учениците имаат впечаток, добиваат пораки и дознаење дека Македонците и Албанците воопшто немале контакт во минатото“, смета Тодоров.

Тој дополнува дека тоа значи каде што се пишува за историјата на македонскиот народ во учебниците, исклучиво се пишува за Македонците и за територијата на географска Македонија, додека во албанскиот дел од учебниците, се пишува само за Албанците. Заклучува дека воопшто не се пишува за историјата на тие региони каде што имале многу повеќе народи, не само Македонци и Албанци, туку и останати народи, идентитетски групи, религиски и социјални.

Живадиновиќ смета дека се додека постојат етноцентрични партии, национализмот ќе биде болна тема. Демири пак забележува дека треба да се обрне посебно внимание на постоењето наставници-националисти кои стимулираат стереотипни односи.

За Карадаковска пак, важно е да се разговара со учениците за проблемите и стереотипите и да се работи на превенција.

„Учениците во Гостивар се целосно сегрегирани“, вели таа. „Постои специјален распоред, дизајниран кој вклучува пола час пауза измеѓу смените за буквално да нема никаква средба помеѓу учениците. Надлежните сметаат дека така имаат помалце проблеми, барем за време на настава. Но, на прашањето дали ги регулираат проблемите надвор од настава, само ни климаа со глава“, заклучува младата истражувачка.

Мартин Колоски