„Македонски филмски класици“ во 12 градови низ земјава

Филмската ревија со наслов „Македонски филмски класици“, како дел од наследството на „Вардар филм“, по прикажувањето во текот на октомври во Скопје, ќе биде прикажана и во 12 градови низ Македонија.

Љубителите на седмата уметност во 12 македонски градови ќе може да ги видат класиците: „Хај – Фај“ во режија на Владимир Блажевски (снимен 1987); „Три Ани“ во режија на Бранко Бауер (1959); „Среќна Нова ’49“ во режија на Столе Попов (1986); „Планината на Гневот“ во режија на Љубиша Георгиевски (1968) и „Тетовирање“ во режија на Столе Попов (1991).

„Националната установа Филмски центар ’Вардар филм – Македонија‘, како наследник на брендот ’Вардар филм‘ постои веќе две години. Познато е дека ’Вардар филм‘ како филмска продуцентска куќа постои речиси пет децении и во нејзина продукција се снимени речиси сите значајни македонски филмски дела, и анимирани и документарни и играни. Со ревијата сакаме да прикажеме барем еден мал дел од македонското филмско наследство“, вели Димо Попов, директор на „Вардар филм – Македонија“.

Филмската ревија „Македонски филмски класици“ ќе биде прикажана според следниот распоред: Делчево (10-15.11.2015), Битола (16-22.11.2015), Охрид (09-13.11.2015), Струмица (16-19.11.2015), Неготино (09-13.11.2015), Гостивар (04-10.11.2015), Кичево (02-06.11.2015), Струга (09-13.11.2015), Крива Паланка (09-13.11.2015), Прилеп (18-22.11.2015), Македонски Брод (16-20.11.2015) и Дебар (09-13.11.2015).