Филмска ревија на 25 нови македонски филма во кино „Фросина“

Дваесет и пет македонски филма реализирани минатата година со поддршка на Агенцијата за филм ќе бидат прикажани од 22 до 24 февруари во кино „Фросина“ на ревијата „Златна рамка“ која ја организира Друштвото на филмските работници на Македонија – ДФРМ. На ревијата под мото „Влези во наш филм“ ќе бидат прикажани два долгометражни филма („Година на мајмунот“ на Владимир Блажевски и „Враќање“ на Кастриот Абдили), седум документарни и 16 кратки филмови.

Проекциите се бесплатни, а проекциите почнуваат во  17 часот со документарни филмови. Кратките ќе бидат прикажувани од 19 часот во првите два дена и од 20 часот третиот ден, а двата долгометражни се од 21 часот – „Враќање“ на 22 февруари и „Година на мајмунот“ на 24 февруари.

Покрај филмови, во сите три дена од 11:30 часот ќе има и работна програма која в петок вклучува свеченото Собрание на ДФРМ, а Друштвото в сабота од 21 часот ќе додели и три почесни награди – за филмски автор, актер и за филмски работник.

Во сабота од 11:30 во фојаето на „Фросина“ дескот на Медија – потпрограма на „Креативна Европа“ на ЕУ ќе организира презентација за начинот на аплицирање кај филмските фондови наменета за продуценти и филмски професионалци, а в недела во истиот термин и место ќе биде организирана тркалезна маса за филмската критика, насловена „Нема успешна кинематографија без филмска критика“. Тркалезната маса е отворена за сите оние кои сакаат да пишуваат филмски критики или во каква и да е друга пишана форма да дадат свое мислење за извесно филмско дело.