Филмот „Џипси меџик“ на македонскиот режисер Столе Попов, ја освои наградата „Coup de coeur du public“ на Меѓународниот филмски фестивал во Нанси – Франција, според гласањето на публиката и според бројот на гледачите на двете проекции, објави МИА.
Филмот беше прикажан како избор на почесниот гостин на фестивалот Мики Манојловиќ, на кого му беше доделена награда за актерско дело.
„Џипси Маџик“ беше прикажан во селекцијата на Фестивалот „Под ѕвездите“. Ова беше првпат, публиката да го избере за неа „најдобриот“ филм од деветте филмови прикажани во ова селекција, кои се прикажуваа под овторено небо на времената кино сала во дворот на поранешната фабрика за цигари, сега претворена во културен центар и во најреномираното кино во Нанси и Франција „Камео“.
За ова долгометражно остварување се наведува дека „примарниот впечаток е дека во овој филм е направен обид да се прикаже вистинската положба на Ромите, кај кои материјалната беда стои веднаш наспроти психолошката слобода којашто треба да го претставува нивното вистинско богатство. По овој модел режисерот настојува таа содржина на филмот да ја направи што поуниверзална“.
Централната личност во филмот е собирачот и откупувач на стари предмети Таип, во улога на Мики Манојловиќ. Наспроти него е неговата сопруга Ремзија која ја игра Катина Иванова. И двајцата тоа го реализираат со чудесно впечатлива актерска методологија, бидејќи од почеток е јасно дека желбата на Таип да го одведе своето многучлено семејство во Индија, е еден имагинарен порив, еден недофатлив сон.
Музиката во филмот е на Влатко Стефановски, монтажата е на Димитар Грбевски, а во филмот играат и професионални и аматерски актери како Тони Михајловски, Антони Заки, Данчо Чевревски.