Филм, пуканки и модна (р)еволуција

„Дали модата може да ја спаси планетата Земја? Еволуираме преку зголемување на свеста“, стои во најавата за филмската проекција на документарниот филм „RiverBlue“, во организација на Fashion Revolution Macedonia.

Настанот ќе се одржи на 23 јануари во ЕУ Инфо центар со почеток во 17 часот. Влезот е бесплатен, но местата се ограничени, нагласуваат организаторите.

„RiverBlue“ е документарен филм, кој го прикажува тригодишното патување на Марк Анџело, по реките во светот, каде тој ги евидентира непосакуваните влијанија на модната индустрија врз животната средина. Филмот го истражува загадувањето на реките и токсичните ефекти од изработката на текстилни материјали (тексасот во фокус). Зборува за последиците за човештвото, но и за решенијата кои даваат надеж за одржлива иднина.

Документарниот филм има за цел да ја зголеми јавната свест за овој проблем и да придонесе кон тоа модата да функционира врз етички и одржливи принципи. Филмот е апел за значајни промени од страна на најпознатите модни брендови да внимаваат и да бидат посвесни за начинот на кој се изработува облеката која ја носиме.