Филм, музика и трибина – почнуваат денови на „Croatia Records“ во Кинотека

Со македонската премиера на филмот „Нов бран – 40 години подоцна“ („Novi val – 40 godina nakon“), вечерва во 20 часот во Кинотека ќе започнат деновите на „Croatia Records“ во Скопје.

По проекцијата, на летната сцена на Кинотека – „Мирно лето“, авторот Никола Кнежевиќ и Иван Беќковиќ, супервизор на „Croatia Records“ за земјава, ќе одржат трибина за значењето на „Новиот бран“ на овие простори.

„Croatia Records“ годинава го реализираше филмот „Нов бран – 40 години подоцна“ по повод четири децении од објавувањето на култниот албум „Пакет аранжман“, но и други албуми кои му припаѓаат на движењето познато како „новиот бран“ како: „Шарло Акробата – „Бистрији или тупљи човек бива кад…“, како и деби-проектите на „Електрични оргазам“ и „Хаустор“.

Кнежевиќ, заедно со белградската новинарка Олга Кепчија (радио-водителка на Београд 202) направи серија интервјуа со главните актери кои беа дел од приказната, новинари, музички продуценти, дизајнери, дискографи…, и со помош на CMC Телевизија тоа беше склопено во филм, со времетраење од 101 минута.

Досега филмот беше претставен во Белград, на „Мартовскиот фестивал“, како и на „Dok’n’Ritam“ фестивал во српската престолнина, и во Крагуевац, во рамките на Арсенал фест.

Утре (18 август), по цели 30 години, ќе биде претставена актуелната винилна програма на оваа издавачка куќа – винилите од „Нови вал“, „Индекси – Модра ријека“, како и компакт-дискот „Зафир пјева, Македонија пјева“, кој беше објавен минатата година за „Југотон Croatia Records“, но, заради пандемијата на Ковид-19 не беше претставен на јавноста.

Во меѓувреме поетот, актер и музичар Зафир Хаџиманов почина, но остана албумот објавен на компакт-диск (винилот е од 1986 година), да биде промовиран во неговото Скопје.