Филм и дебата за промена на негативните наративни кон Ромите во Кино Култура

Филмска вечер за промена на негативните наративи кон Ромите ќе се одржи утре (22 март) во Кино Култура во Скопје од 18 часот во организација на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.

Станува збор за романскиот филм „Тото и неговите сестри”, на режисерот Александар Нанау. Снимен во 2014 година, филмот досега е добитник на многу меѓународни награди меѓу кои и француска награда за култура во категорија студентско кино на Канскиот филмски фестивал.

Во 90-минутната филмска приказна, Тото и неговите сестри се оставени сами на себе, но можат да изберат да одат по патот на нивната мајка, вујковците и нивните пријатели кои препродаваат дрога или да ги прифатат предизвиците и преку одбегнување на пороците, чекор по чекор да излезат од кругот на сиромаштијата и да се упатат кон успехот.

По проекцијата ќе следува панел-дискусија со Силвана Наумова од ХОПС – Опции за здрав живот, Салија Беќир Халим од Иницијативата на жени од Шуто Оризари и Марија Папазова, професорка на Медицинскиот факултет во Скопје. Дискусијата ќе ја модерира Тефик Сали, доктор во Американскиот мировен корпус.

Влезот на настанот е бесплатен.